McLaren Artura – High Performance Hybrid

насловна Новитети

Синергија на два света

Искуството од половина век преточено во сериски модел

објавено 18. февруари 2021

Високи перформанси, футуристички изглед и големо име испишано на хаубата. Ова не кажува ништо ново за McLaren, докажан во автомобилскиот спорт и производител на сериски супер автомобили. Со секој нов модел публиката и купувачите очекуваат несекојдневно возачко искуство во било кое сценарио на возење.

Со Artura тоа се добива со трендовски, но високо софистициран инженеринг на поврзување на работењето на потентниот бензински со електро мотор. Популарно наречени хибриди овие склопови, осем за еколошки цели, се употребуваат и за перформанси. Тоа го потврдува кратенката НРН (High Performance Hybrid). Artura е првиот модел што е изграден врз целосно новата McLaren карбонска лесна архитектура која уникатно e оптимизирана за хибридните погонски единици и е конструирана во Технолошкиот центар на Мекларен за композити во Шефилд.

Лесното алуминиумско тело и јаглеродните влакна прават совршени пропорции на суперавтомобил во кого формата ја следи функцијата. Инженерството на супер лесни материјали ја прави Artura најлесната во својата класа со тежина од само 1.498 кг! Кога на тоа ќе се додаде погонот тогаш се добиваат возбудливи податоци. Носител е новиот  три литарски V6 бензинец со два турбо полначи засилен  со електро мотор произведувајќи комбинирани 671 КС и 720 Nm. Само бензинецот испорачува 577 КС доближувајќи се до односот од 200 коњски сили по литар зафатнина. Е-моторот има 94 КС испорачува моментален вртежен момент до 225Nm обезбедувајќи остар одговор на забрзувањата на Artura која го совладува спринтот од 0-100 км/ч за 3,0 секунди, до 200 км/ч за 8,3 секунди и да се достигне 300 км/ч потребни се 21,5 секунди.

Оптоварувањата специфични за тркачка патека го подржува новиот концепт на задна суспензија, ажуриран електро-хидрауличен управувач и проактивната контрола на придушување на вибрациите ја зголемуваат агилноста, стабилноста и динамичните перформанси. Згора на се, супер спортскиот Artura има батерија од 7,4 kWh која му дава електрична автономија од скромни 30 километри. За оваа пригода направен е нов ентериер во мималистичко-спортски манир со клучни контроли достапни на управувачот. Има нов осум инчен HD инфо-забавен систем што овозможува конфигурација на напредни системи за помош на возачот и пресликување на паметни телефони. Ќе мора да веруваме на збор бидејќи нема ниту една фотографија во прилог. McLaren Artura веќе може да се нарача. Цената во Велика Британија е 185.000 фунти, а за земјите на ЕУ цената би била околу 200.000 евра. Интересно е да се спомене споделената информација од колега дека во Турција поради царината и системот на даночење на автомобилите, Artura чини 780.000 евра или една за купувачот и три за државата.