Плановите на Mazda за иднина

Претпазливо со електрификацијата, акцент на хибридите

Mazda не брза со електрификацијата. Играјќи паметно и трпеливо избра постепен пристап и место во своите планови да се откаже од моторите со внатрешно согорување хибридно ќе ги унапредува истовремено поставувајќи темели за целосно електричната иднина. Официјално непотврдено од компанијата но според аналитичарите кои добро ја познаваат нејзината стратегија и имаат пристап до интерните информации, плановите вклучуваат хибридизација на кросоверите, лансирање на духовен наследник на култниот RX-7 со ротационен мотор, нова генерација на MX-5 и целосно електричен кросовер од сопствен развој.

Вешто балансирајќи меѓу желбите и можностите, редовното освежување на гамата во 2027-мата ќе донесе хибридна верзија на најпродаваниот модел CX-5. Пред тоа серијата поголеми кросовери CX-70 и CX-90 во Америка односно CX-60 и CX-80 во Европа ќе помине низ благ фејслифтинг а компактниот CX-30 со мали ажурирања ќе продолжи до доаѓањето на нова генерација во 2029-тата. Година дена после него CX-50 треба да добие сеопфатен редизајн а Mazda 3 ќе остане во сегашниот облик уште некоја година – нова генерација може да се очекува дури околу 2032-та година. Што се однесува до чисто електричните модели Mazda 6 веќе премина на струја и заедно со CX-6e е плод на соработката со кинескиот Changan што ќе го ограничи нивното присуство на американскиот пазар. Најмногу затоа се развива и сосема нов електричен кросовер за кој деталите сé уште се тајна.

Иднината секако ќе вклучува и спортски модели. Највозбудливи за фановите се вестите за сериска верзија на концептот Iconic SP од 2023-тата, задвижуван со електричен погон и ротационен мотор како продолжувач на автономијата. Извештаите од Јапонија сугерираат дека би можеле да го видиме веќе следната година како духовен наследник на култниот RX-7. Во 2029-тата треба да биде лансирана и нова итерација на најпопуларниот родстер во светот MX-5 за која се очекува да го задржи бензинскиот мотор.

Mazda во првата половина на 2025 година забележа глобална продажба од 636.968 единици, што претставува пораст од 2,6 отсто. Америка со 210.297 пласирани возила и пораст од 3,9 отсто остана најголем пазар. Продажбата во Јапонија се искачи за 18,7 отсто на 81.524 возила, но истовремено падна во Европа (83.518, -12,2%) и Кина (33.876, -18,7%). Во останатите региони компанијата пласираше 227.753 возила (за 7,1 отсто повеќе) што претставува 35,7 отсто од вкупната продажба, факт што можеби најдобро ја објаснува воздржана електрична стратегија на марката. Најдобро продаван модел е CX-5 (168.401 примероци, -1,9%) а следат CX-30 (107.101, -9,2%) и Mazda 3 (79.331, -1,8%), со што овие три модела опфаќаат цели 55,7 отсто од вкупната продажба.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER