Maserati во офанзива
Alfieri, нови генерации на Levante и Quattroporte, помодерен Ghibli, поголем SUV…
Објавено на 3 јуни 2018 година
Додека главните играчи од Fiat Chrysler групата се тетерават, Maserati најави вистинска и сеопфатна моделска офанзива. Планот за развој на компанијата предвидува до 2022 година продажбата да се зголеми на дури 100.000 возила годишно, заради што ќе требат и доста нови модели. Најочекуван секако е серискиот Alfieri, кој на изненадување на многумина ќе биде електричен. Ќе го замени GranTurismo во сегашната гама заради што се подготвуваат две негови верзии – купе и кабриолет. Овој спортист ќе има погон на сите четири тркала, ќе постигнува 300 km/h, а до 100 km/h ќе забрзува за околу две секунди. За поконвенционалните купувачи ќе се нуди и како plug-in хибрид.
Истата погонска група ќе ја има и вториот SUV на марката. Начелата според кои се проектира се распоред на тежината 50:50, најдобар однос сила-тежина во класата и супериорно однесување на патот што ќе му го даде новата лесна платформа. Ваков погон исто така ќе имаат и новите Levante и Quattroporte и помодерниот Ghibli. Сé на сé, Maserati до споменатата 2022 година ќе има вкупно осум plug-in хибридни и четири електрична возила, а најави и дека дотогаш од својата понуда во целост ќе ги исфрли дизелите.