Со емоции од минатото и технологии за иднината, новиот двоец на MINI е претставен во Македонија
Кога ќе се остварат ветувањата задоволството е ултимативно. Авто Магазин беше поканет да присуствува на предпремиерата на MINI Cooper & МINI Countryman пред почетокот на IAA во Минхен минатиот септември, и тогаш беше објавено дека тие на европското тло ќе се комерцијализираат на крајот на мај 2024. Речено, сторено!
Последниот ден од најубавиот месец во годината М-Кар, увозникот на групацијата BMW, ја претстави петтата генерација на MINI Cooper и четвртата на семејниот Countryman. Навистина, ден за помнење, бидејќи домаќините се потрудија да го покажат богатото наследство на британската марка. На самиот влез нé пречекаа историските примероци на иконскиот MINI. А, во салонот на М-Кар двете модерни интерпретации на оксфордската марка, кој својот роден град, познат по образованието, го прослави и со моторизацијата.
Подобрениот карактер на MINI се чувствува во двата модели. Спортскиот Cooper и семејниот Countryman се исполнети со технологија која е достојна за врвните светски премиум марки. Покрај модифицирањето на традиционалните вредности, во внатрешноста на двоецот од Оксфорд вграден е првиот овален OLED екран во автомобилската идустрија.
Неговата функционалност е извонредна, пружа импресивен впечаток и овозможува одлично корисничко искуство. Во духот на групацијата BMW, понудени се целосно електрични модели и со мотори на согорување. За шмекерскиот MINI Cooper покрај електричната верзија која има избор на батерии и сила со два капацитети овозможува возење до 400 километри.
За нашите купувачи поинтересни ќе бидат четирицилиндричниот со 204 кс и трицилиндричниот мотор со 156 кс. Почетната цена на MINI Cooper започнува од 29.500 евра. Новиот MINI Countryman е достапен со иновативни и ефикасни бензински мотори. Се нуди како MINI Countryman C со погон на предните тркала, MINI Countryman S ALL4 со погон на сите тркала и моделот со зголемена моќност со погон на сите тркала во едицијата MINI Countryman JCW ALL4.
Тој има дизел варијанта со ознаката MINI Countryman D. Електричниот Countryman E има автономија од 460 км додека MINI Countryman SE ALL4 може да дофрли 433 км. Промотивна понуда за новиот MINI Countryman со дизел мотор започнува од 40.290 евра.


