Радикален и напреден
Радикален и напреден – тоа може да се каже за новиот концепт на Lotus кој најавува во кој правец ќе се движи иднината на марката. Наречен Theory 1 како прв од серијата има за задача да ја отелотвори идејата за креирање возила со интелигентни перформанси низ три темелни начела – дигитално, природно и аналогно. Првото знаеме што е, за второто велат дека ќе го оживее емотивниот дизајн насочен кон човекот додека аналогното треба да го претставува континуираниот напредок во инженерингот. Со беспрекорно спојување на овие начела и примена на врвни технологии, Lotus докажува дека може да создаде автомобил кој ќе се чувствува и складно ќе се вклопува со возачот прилагодувајќи се на неговите потреби.
Ако ја тргнеме настрана филозофијата околу создавањето на овој концепт ќе забележиме можен наследник на легендарниот Esprit со каросерија од јагленородни влакна во која има место за тројца патници. Вратите со дел од стаклениот покрив се отвораат нанагоре а двата електромотора го палат асфалтот со илјада коњски сили. За забрзување до сто на час требаат помалку од две ипол секунди, а максималната брзина изнесува 320 километри на час. Батериите ќе издржат 400 километри но детали за времето за нивно полнење не се објавени. Не се знае ниту дали од него ќе се изроди сериски модел ниту пак колку други концепти ќе следат.