Land Rover хибриди » Јагне во волчја кожа или… (со видео)

Јагне во волчја кожа или…

Jaguar Land Rover претстави две хибридни изданија на своите теренци за кои не можеме да го пронајдеме вистинскиот збор за опишување

Објавено на 24 април 2020 година

Соочен со проблемите кои му се таложат, Jaguar Land Rover реши да започне со провоцирање на пазарот и претстави две хибридни изданија на своите теренци за кои не можеме да го пронајдеме вистинскиот збор за нивно опишување. Причини зошто така мислиме има неколку и сите се базираат на погонскиот склоп на новите модели, за кои засега не се знае кога точно ќе се појават на пазарот. Но затоа се знае дека со мала меѓусебна разлика ќе чинат околу 45 илјади фунти и дека уште сега можат да се нарачаат. Станува збор за технички многу сличните Land Rover Discovery Sport и Range Rover Evoque на кои британските инженери им наменија плаг-ин хибриден погон кој им овозможува чисто електрична автономија од нешто повеќе од шеесетина километри. За полнење на батериите им се потребни меѓу 30 минути и скоро седум часа, во зависност од полначот што се користи.

Но ако досега сето кажано беше онака како што се очекуваше, погледот на техниката просто кажано фрапира. Имено за погон на овие свои два теренци Jaguar Land Rover се одлучи за мотор кој е базиран на Ingenium семејството, но има три цилиндри и зафатнина од само 1,5 литри. Според нив тој засилен со хибридниот додаток испорачува солидни 309 коњски сили, доволни за забрзување до 100 на час за околу шест ипол секунди. Британците сметаат дека мудроста во конструирањето на овој погонски склоп лежи во електромоторот интегриран во задната оска, додека бензинецот е задолжен за задвижување на предните тркала. За подобрување на ефикасноста е впрегнат и системот за навигација, за што треба да посведочи и емисијата на јагленород диоксид од 32 до 36 грама на километар. Литиум-јонската батерија од 15 киловат-часа е сместена под задните седишта, а само на струја и двата модела можат да постигнат максимални 135 километри на час. Возачот може да бира меѓу три режими на возење кои најдобро одговараат на патувањето, без разлика дали тоа е на асфалт или надвор од него. Целата технологија иновативно е дополнета со посебен претворач на истонасочната струја за да може таа да ја поддржува 12-волтната инсталација на возилата. Плус на сé, се споменува и дека тие имаат и нов brake-by-wire систем за сопирање кој ги заменува традиционалните вакуумски серво сопирачки и незабележително ја регенерира енергијата што притоа се губи неповрат. На крај се додава и дека заради вградените компоненти тежиштето на двата теренци е спуштено за шест отсто, со што дополнително се подобрува нивната динамика при возење. За сé да биде како треба се грижи нов осумстепен автоматски менувач развиен да одговара на нивниот хибриден карактер.

Видео

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER