Lamborghini „скрши нога“

Првиот хибрид и воедно најсилниот Lamborghini е подготвен за својата премиера

Објавено на 5 септември 2019 година

Не издржа срце јуначко – и Lamborghini потклекна на трендовите. Со исклучок на теренскиот Urus одолеа на турбо технологиите, но не можеше да се спротивстави на хибридните. Нивни пионерски носител ќе биде Sián, најновиот суперавтомобил на марката. Премиерата ќе ја има во Франкфурт каде јавноста ќе може да види колку се разликува од Aventador на чија платформа е базиран. Сепак се работи само за благ хибрид со 48-волтен систем, кој атмосферскиот 6,5 литарски V12 го комбинира со електромотор сместен во менувачот. Со негова помош Sián располага со 819 коњски сили пред сé задолжени за подобрување на перформансите. Битно е и дека малиот електромотор овозможува негово користење при ниски брзини, односно маневрирање со возилото, што значи дека возењето наназад и паркирањето ќе биде само на струја. Уште побитно е тоа што целиот систем за нејзино складирање не користи батерии туку суперкондензатори, кои се три пати помоќни и полесни. Тие се сместени меѓу кабината и просторот за моторот, заради оптимална распределба на тежината. Кога сме кај неа да кажеме дека целиот хибриден додаток тежи само 34 килограми, овозможувајќи му на Sián подобар однос на силата и тежината отколку што има Aventador SVJ. Сето ова на крај резултира со забрзување до 100 km/h за помалку од 2,8 секунди и максимална брзина од над 350 km/h. За хибридната приказната да биде комплетна се грижи регенеративниот систем за кочење развиен од страна на италијанските инженери.

Lamborghini ќе направи точно 63 примероци од Sián. Јасно, сите до еден веќе се продадени. Цената официјално не е објавена, но веќе се дозна дека стартува од 3,3 милиони евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER