Lada Niva каква не сме виделе
Објавено на 15 јули 2019 година
Lada Niva се појави во 1977 и упорно одбиваше да отиде во пензија. Деновите ѝ се одброени, но сé докрај издржа, дури и без посериозен редизајн. А обиди имаше – и за нејзина замена, и за осовременување. Сепак ВАЗ-2121 како што ѝ е фабричката ознака ги надживеа сите предизвици. Еден од нив беше и обидот за нејзино дизајнерско и техничко модифицирање од 2009 година, но заради тоа што маркетингот на АвтоВАЗ дозволил покачување на цената од само 8.000 рубљи (што тогаш било едвај 200 евра), сé останало на овој заборавен прототип со ознака 21214 М. За среќа би рекле многумина, бидејќи сигурни сме да успееше да влезе во производство Niva немаше да издржи уште долго време со вака изгубен идентитет. На ретките слики јасно се гледа целосно различниот преден дел со други светла, нова маска и редизајниран браник. Се забележуваат и нови ретровизори и црни кровни носачи, додека задниот дел изгледа ист. Корекции има и во внатрешноста, главно сведени на модернизација на инструмент таблата, поквалитетни материјали и нови седишта. Биле предвидени измени и на ослонувањето, сопирачките и звучната изолација, а требаше да добие и АБС, серво управување и друга трансмисија.
Се верува дека овој прототип е уништен во 2015 година.