Kia Sorento » Нова естетиката и рафинираност

Нова естетиката и рафинираност

Требаше да настапи во Женева, но од оправдани причини не можеше

Објавено на 20 март 2020 година

Kia го претстави својот најпрестижен кросовер во Европа преку интернет, мораме да кажеме малку невешто. Сепак јасно е забележлива тенденцијата да се сврти вниманието и на европската публика. Имено за Sorento во Америка годишно се определуваат по сто илјади купувачи, а на Стариот Континент десет пати помалку. Тоа беше јасен сигнал дека треба нешто да се направи за да моделот се прилагоди и на возачите тука, што е сторено со новиот дизајнерски пристап. Тој е малку потсмирен во однос на сé останато, барем однапред гледано. Иако четвртата генерација на овој за нас голем кросовер значително се разликува од досегашните, се забележува поскромното влијание на тигрестата маска и предните светла. Со познатата динамика која тие ја даваат вешто се искомбинирани естетиката и рафинираноста, кои заедно со елеганцијата која отсуствува се вистинските критериуми на европските купувачи. Бочната силуета открива пораст на димензиите и мала корекција на пропорциите. Задниот крај пак дизајнерски е поврзан со наградуваниот Telluride што иако воопшто нема да им се допадне на европските купувачи, сепак со своите остри линии остава моќен впечаток.

Од наша перспектива гледано, измените во кабината можат да се квалификуваат како драматични. Дигиталниот кокпит доминира, а го надополнува големиот екран на инфо-забавниот систем. Се добива впечаток и дека квалитетот на изработката е повисок, иако и досега немаше замерки на него. Затоа пак сосема јасно е дека зголеменото растојание меѓу оските ќе донесе повеќе простор за сите патници, со што новиот Sorento ќе стане покомфорен. За него засега се познати само европските спецификации, кои предвидуваат основен мотор да биде 2,2 литарскиот дизел со 201 коњска сила во комбинација со новиот осумстепен менувач со двојна спојка. Интересен за некои ќе биде и хибридот погонуван од 1,6 литарски турбобензинец и електромотор од 44 киловати, кои работата синхронизирано. Максимумот што го остваруваат е 230 коњи, а менувачот е автоматски со шест степени. За Америка се споменува посилен хибрид со 2,5 литарски бензинец со 277 коњски сили, но тоа нас не нé интересира.

На опремата не треба да трошиме зборови, бидејќи кога Kia е во прашање сé е јасно. Дилемата е само што купувачот ќе избере и колку ќе биде подготвен да плати. А тоа за жал во моментов не е познато – цените не се објавени иако е испланирано продажбата на новиот Sorento да започне за некој месец. Тој како и сите други модели на Kia во Европа ќе има 7-годишна гаранција, а ќе се произведува во Јужна Кореја.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER