Kia Niro, втора генерација

насловна Новитети

Контра трендовите, Niro ќе издржи уште малку на пазарот

објавено на 25 ноември 2021

Пред пет години, Niro се постави како прв „зелен“ автомобил во гамата на корејскиот производител, нудејќи истовремено повеќе електрифицирани верзии. Во меѓувреме светот се смени и сега е на мода да се претставуваат чисто електрични возила, но Kia остана на изворната идеја и го остави Niro да проживее барем уште една генерација со различниот избор на погонски склопови. Зошто така решија доволен стимул е годишната продажба од некои 130 илјади примероци, што кажува дека сé уште има купувачи кои не сакаат да се свртат кон струјата.

Како и да е, Niro остана верен на концептот дека на купувачите треба да им се пружи избор, заради што тимот дизајнери го издигна на ниво согласно со актуелните помодни текови, задржувајќи ги неговите конструктивни решенија. Како инспирација им послужи концептниот HabaNiro од пред отприлика две години и не згрешија. Лицето на новиот модел кое е пресликано од него му дава посебен персоналитет донекаде различен од другите најнови модели на марката. Истото може да се каже и за задниот дел со светлата со облик на бумеранг.

За жал, Kia засега не ни ги стави на увид техничките спецификации на новиот Niro, така што сé што понатаму ќе треба да се каже за него ќе биде чиста шпекулација. Засега ќе се воздржиме од тоа, барем додека не доближи терминот за кој е закажано неговото пазарно лансирање кое во Кореја ќе биде наредната година. Први се планирани хибридните верзии, додека електричната ќе следи на лето.