Страв лозје чува…
Требаше да помине некое време и Канада да сфати дека кинеските електрични возила претставуваат закана за нејзината автомобилска индустрија. Вообичаено воздржани, Канаѓаните ги сочекаа првичните реакции на компаниите кои веќе имаа најавено инвестиции во производството на електрични возила таму, вклучувајќи ги и компонентите и батериите. Но бидејќи и покрај амбициозните проекти вредни многу милијарди долари тие изостанаа, властите во земјата едноставно заклучија дека мора да реагираат без да чекаат воздржаноста на инвеститорите да биде разгледана од нивните управни одбори и зацементирана како конечна одлука. Затоа без размислување воведоа царини од 100% за кинеските електрични автомобили, автобуси, камиони и комби возила, дополнително на сегашните 6,1 отсто. Официјално овие давачки ќе започнат да важат од 1 октомври, термин додека постои можност тие да бидат ревидирани. Минимална би рекле бидејќи САД веќе ги имаат истите оптоварувања, а автоиндустријата на Канада во голема мерка зависи од расположението на својот единствен сосед.
Генерално, ако ги споредуваме двете земји ќе забележиме дека Канада има политика на креирање вишок капацитети и помала заштита на работниците и околината, што ѝ дава долгорочна предност за инвестиции пред Соединетите Американски Држави. Сепак за на Кинезите сé да им биде сосема јасно, владата во Отава истовремено воведе и царини од 25 отсто на кинеските производи од челик и алуминиум, а во меѓувреме ќе се разгледаат опциите за идните државни чекори во однос на батериите, полупроводниците и дефицитарните минерали. Во овој контекст треба да кажеме дека за разлика од Европа во моментов ниту еден сериозен кинески производител не ги продава своите електрични возила во САД или Канада. Автомобилската индустрија во Канада вработува околу 125.000 луѓе.




