Jeep – Compass

насловна Новитети

По европски вкус

Првиот производ од Јеер во групацијата Stellantis e новиот Compass

објавено 07. април 2021

Првата генерација на компактниот кросовер Compass е лансирана во 2017 година. За овој релативно краток временски период покажа дека за него има место на стариот континент. Тоа е причината зошто лани немаше негов рестајлинг, туку направена е потполно нова генерација годинава. Маркетерите осетија дека е вистинско време Compass  повеќе да се европеизира и да одговори на очекувањата на пазарот.

Затоа покрај изгледот, сменета е филозофијата на опременост со што сега Јеер слободно може да стане сериозна опција на веќе добро етаблираните европски конкуренти. Силниот естетски карактер проткаен со избрусен стил, конективни и безбедносни технологии, потврдени динамички својства на асфалт и на терен, ги истакнуваат основните вредности на марката кои се негуваат 80 години. Или, на кратко, ова е возило наменето за ”прагматични сонувачи“, луѓе што се рационални и имаат потреба да избегаат од секојдневната рутина.  Ова е возило со два карактера подеднакво доминантни, урбаниот и теренскиот. Бидејќи повеќето од работниот век ќе го помине на асфалтот Compass е опремен со втората генерација за автономно возење како дел од стандардната опременост. Останатите асистенти на возачот се подразбираат, инфо забавниот систем како и најсовремените поврзувања на возилото и паметните телефони.

Тие се испишуваат и манипулираат преку екран осетлив на допир, инструмент таблата е дигитална со висока резолуција, како и интерактивната 3D навигација од TomTom. Внатрешното уредување сега делува по избалансирано и хармонично. Во специјалната едиција по повод осумте децении ентериерот е пресвлечен со квалитетна кожа правејќи премиум амбиент. Во склад со еколошките норми од самиот почеток понудени верзии со приклучлив хибриден систем кои ги исполнуваат последните  Euro 6D норми. Понудата започнува со новиот бензински агрегат од 1,3 литри со две изведби, од 130 и 150 КС чии CO2 вредности се за 27% намалени во однос на претходниот мотор.

Дизелот сѐ уште е во игра со 1,6 литрениот претставник со 130 коњи. Хибридите имаат моќност од 190 и 240 коњи кои се дистрибуираат на сите тркала преку шест степена автоматика. Сликата да биде комплетна понудени се пет нивоа на опременост, исто толку комбинации на  мотори и менувачи, верзии со погон на предните и сите тркала… Како што најави Аутомобиле СК, новиот Compass ќе биде претставен наскоро кај нас.