Jaguar F-Type » Ново лице, обновена техника

Top News Новитети

Ново лице, обновена техника

Издржа машки седум години, но му дојде време за замена

Објавено на 3 декември 2019 година

Jaguar се сврте силно кон кросоверите и електриката, но не се откажа од спортските модели. Иако се продаваше во едвај десетина илјади примероци годишно, го негуваше F-Type од самото негово појавување. Со мали измени, бидејќи мора да признаеме дека големи не му ни требаа. Сепак после 7 години на пазарот дојде време за негово потемелно освежување. Од компанијата го нарекуваат нов, но всушност е јасно дека се работи за темелен фејслифтинг. Предниот дел е поостар и изведен во стил на новите модели на марката, со поагресивни тенки светла и поголема маска. Препознатливоста е задржана, посебно назад каде на прв поглед не се забележуваат разлики. Исто би било и со силуетата да не се малку поспуштениот нос и понабабрените крила. Слична е приказната и во внатрешноста, каде возачот ќе го пречека познатиот ентериер со нови дигитални инструменти и голем екран на централната конзола. За него Јаguar вели дека е плод на новата функционалност бидејќи сите ажурирања на инфо-забавниот систем ќе се вршат преку интернет, без посета на сервис.

Под хаубата се среќава одомаќинетата механика која стартува со дволитарскиот турбо мотор со 300 коњи. Иако доволен за забрзување до 96 километри на час за 5,4 секунди, повеќе сепак ќе привлекува петлитарскиот V8 со 450 коњи. Поврзан со осумстепен автоматски менувач, тој ќе може да се добие и со опционален погон на сите тркала. За оние што бараат ултимативни перформанси во понуда остана R верзијата со 575 коњски сили, која забрзува до споменатите 96 километри на час за 3,5 секунди и постигнува максимални 300 километри на час. На остатокот од светот но не и во Европа F-Type ќе им биде понуден и со трилитарски V6 со 380 коњи. Кога ќе стартуваат испораките не се знае, но цената е позната – 54.000 фунти.

клучни зборови: ,