Нов пат, иста насока
После светската премиера, Iveco ја претстави својата нова перјаница и во регионов
Објавено на 28 ноември 2019 година
Под слоганот „Вашиот дом далеку од дома“, Iveco во Белград ја претстави новата генерација камиони S-Way. На оваа регионална презентација на нова перјаница на Iveco беа присутни бројни клиенти и гости на марката, како и неколку новинарски екипи меѓу кои и нашата. Новиот камион наменет главно за долголиниски и меѓународен транспорт доаѓа на местото на Stralis, кој произведувајќи се од 2002 година наваму му трасираше добар пат кон успехот. Сега S-Way кој веќе може и кај нас да се нарача продолжува со нови квалитети и нови можности. Главните карактеристики му се потполно новата кабина, исклучително ниската потрошувачка и напредните технологии. Замислен е како комплетно транспортно решение направено на возачите да им обезбеди одлични услови за работа, а на транспортерите поголема конкурентност и пониски трошоци за одржување.
Првото се забележува веднаш. Кабината која е на располагање во пет големини е модерна и пространа, со истакната удобност. Во однос на старата целосно е редизајнирана, со возачот и неговите потреби на ум. Неговото работно место располага со добра ергономија, а седиштето кое се подесува му овозможува идеална позиција за возење. Главните команди се поставени на мултифункционалниот управувач, чиј порамнет долен дел овозможува повеќе простор за нозете. Моторот се стартува на копче, а инструмент табла и централна конзола се со нов изглед и распоред на контролите за подобро ракување со нив и постигнување поголема безбедност во возењето. Во новата организација на кабината чија внатрешна висина изнесува 2,15 метри посебна сметка се има водено за времето кое возачот го поминува во одмор. Новиот аудио систем со препознавање на глас, дигитално радио и навигација се само дел од она што S-Way го има. Преградите за складирање се пространи и наменски распоредени низ кабината. Просторот за преноќување е редизајниран и располага со поголема удобност. Функционалноста е подобрена со УСБ приклучоци, а системот за климатизација со интегрирана паркинг клима обезбедува оптимална температура во секој момент.
Сопствениците пак ќе ги интересира тоа што оваа кабина со својата подобрена аеродинамика ја намалува потрошувачката на горива и до 4%. Секој нејзин детаљ внимателно е проучуван за да се намали отпорот на воздух. Покривот е интегриран во предниот дел, маската има заоблени агли и бочни насочници на воздухот, а повеќеделниот браник интегрирани дефлектори. За оптимизирање на аеродинамиката се грижат и бочните спојлери со гумени продолжетоци. Светлата се ЛЕД, а вратите се протегаат до второто скалило. Едноделните бочни стакла обезбедуваат поголема директна видливост, дополнително нагласена со оптимизираните ретровизори.
Голем исчекор напред е направен и во технологиите за поврзување, со што Iveco S-Way влегува во еден нов свет. Поддршката на логистичките оператори и раководителите на возните паркови овозможува подобра искористеност на возилото со оптимизација на времето на негов ангажман. Овозможена е директна комуникација со централата на Iveco на која се испраќаат податоци за возилото во реално време. Со помош на посебна апликација возачот лесно може да го поврзе својот мобилен телефон со возилото, што му овозможува да има контрола на многу негови функции и кога се наоѓа надвор од него. Покрај тоа, на располагање е и услугата за нон-стоп асистенција со далечински пристап на дијагностиката на возилото и следење на стилот на возење.
Што се однесува до механиката, таа во поголем дел е добро позната бидејќи неа изминативе години Iveco темелно ја обнови за Stralis. Така S-Way се нуди како влекач и соло камион со две или три оски, четири изведби на шасијата и широк избор Euro VId мотори со погон на дизел и природен гас. Дизелите се со работна зафатнина од 8,7, 11,1 и 12,9 литри со силина од 330, 360, 400, 420, 460, 480, 510 и 570 KS и максимален вртежен момент меѓу 1.300 и 2.500 Nm. За екологијата се грижат тристепениот катализатор и интелигентниот EGR систем. За поголема економичност ефикасноста на согорувањето на горивото е подобрена со оптимизација на времето на вбризгување. Функцијата за избегнување на работа во празен од обезбедува елиминирање на долги периоди работа во место, автоматски исклучувајќи го моторот. Влијание има и системот за предвидување на возењето кој интегрира повеќе функции за помош во возењето користејќи ГПС мапирање на теренот по кој се вози.
Се разбира, како и Stralis и впрочем целата гама на Iveco, и S-Way е достапен во верзии кои како погонско гориво користат природен гас. Тие се на располагање со 340, 400 и 460 KS, во изведби на компримиран (CNG) или втечнет (LNG) природен гас или пак нивна комбинација. Посебно интересна иако за неа инфраструктурата за полнење сé уште е неразвиена е LNG изведбата бидејќи е опремена со резервоари кои обезбедуваат исклучителна автономија до 1.600 km. Покрај економичноста и чистотата на издувните гасови, карактеристика им е и помалата бучава.
Сето ова, заедно со сé што тука не е набројано, му отвора на Iveco S-Way нов пат по кој тој успешно ќе продолжи наредната деценија или две, како и неговиот претходник.