Ама само во Италија и тоа не за сите
Италијанска влада стартуваше со програма за поттикнување на купувањето на електричните возила тешка 597 милиони евра со која купувачите добиваат дури 11.000 евра субвенции. Ама не сите – ги следува само оние кои имаат приходи под 30.000 евра годишно и живеат во урбани средини со над 50.000 луѓе. Исто така, ќе мора и да го отпишат својот сегашен автомобил ако е постар од 10 години. Оние пак со приходи под 40.000 евра ќе може да сметаат на 9.000 евра државна помош. Субвенции од 30 отсто од цената на возилото до максимум 20.000 евра се нуди и за малите претпријатија. И увозниците на возила се приклучија кон иницијативата и ги понудија своите возила со солидни попусти па така, со сите математики цената на Dacia Spring се намалува на 3.900 а на Leapmotor T03 на 4.900 евра.
Учеството на електричните меѓу новорегистрираните возила во Италија до август годинава изнесуваше само 5,2 отсто, што е три пати помалку од просекот во Европската унија кој изнесува 15,8 отсто.


