Историска објава на најлуксузната марка

насловна Новитети Поглед во иднината

Ова е првиот електричен Rolls-Royce

Новиот модел ќе се вика Spectre и ќе се појави пред крајот на 2023 година

објавено на 30 септември 2021

Она за што се шушка веќе со месеци па и години, конечно доби официјална потврда. Rolls-Royce реши да ги запре гласините и му објави на светот дека навистина го подготвува својот прв електричен модел. Но спротивно на сé што се зборуваше зад кулисите, овој историски исчекор за компанијата не е направен на техника од BMW, туку е искористена постоечката алуминиумска платформа. Со тоа Rolls-Royce откри една тајна, дека уште при нејзиното проектирање за Phantom таа била подготвена за електрична конверзија.

Прикажаниот маскиран прототип на Spectre со обликот и пропорциите наголемо потсетува на Wraith. Се наметнува мисла дека тој со своите две врати, ниската линија на покривот и долгиот преден дел ќе биде достојна замена за овој модел на британската луксузна марка, а во отворена верзија и за Dawn. Пред производството прототипите ќе направат барем 2,5 милиони километри во сите можни услови, со што ќе се симулираат дури 400 години експлоатација.