Прво, па машко
Звучи чудно но вистина е – Infiniti воопшто нема електричен модел во гамата
Објавено на 1 февруари 2019 година
Деновите на Infiniti без електричен модел се одброени – Јапонците подготвија концепт со кој го најавуваат своето влегување во бурните електрични води на иднината. QX Inspiration како што му е ознаката, е поставен на нова платформа за која техничките детали не се објавени. Затоа засега акцентот е ставен на изгледот, кој треба да покаже како актуелниот дизајнерски јазик на марката ќе биде преведен за употреба кај електричните возила. Се карактеризира со големи површини и чисти линии. Присуството на напредните технологии се забележува со осветлените ознаки и камерите место ретровизори. Според димензиите овој средно-голем кросовер одговара на QX50, чија втора генерација започна да се продава пред една година. Од Infiniti ќе кажат дека новите технологии им даваат можност да еволуираат на друго ниво во развојот. Плановите кога ќе се случи тоа не ги објавија, но убедуваат дека електричните модели во целост ќе одговараат на имиџот што марката го креира уште од самото основање пред три децении.