Hyundai Kona N

насловна Новитети

280 коњи за вистинско задоволство

Hyundai цврсто е решен да не остави ниту еден пазарен сегмент непокриен

објавено на 07 мај 2021

Најновиот фронт на кој Hyundai напаѓа се спортските изведби на градските кросовери. За тоа Kona е вистинскиот адут, која во оваа огнена изведба располага со дволитарски турбо мотор со дури 280 коњски сили. За задоволството во возењето да биде поголемо тие се пренесуваат само на предните тркала, но преку осумстепен менувач со двојна спојка. Програмиран е за исполнување на желбите на возачот на три различни начини, што резултира со максимални 240 километри на час и спринт до првите сто за 5,5 секунди.

Kona N се разликува од своите стандардни браќа по новиот браник и изменетата маска напред, како и големиот спојлер на покривот со триаголно трето стоп светло. И внатрешноста е уредена во познатиот N-стил со спортски седишта и управувач со сини копчиња, а тука е и дигиталната инструмент табла со посебен дизајн. На централниот екран може да се следи и времето постигнато по круг на бројни светски познати патеки. Вграден е и head-up дисплеј, а провоцира и класичната рачна сопирачка.

Секако, Kona N доаѓа со цел список асистенти за помош во возењето и безбедносни системи. Hyundai има план до крајот на идната година да го прошири спортското N-семејство на 18 модели, меѓу кои ќе биде и електричниот Ioniq 5.