Hyundai Elantra » Провокативно иновативна

Top News Новитети

Провокативно иновативна

Со својот изглед на купе со четири врати, новата Hyundai Elantra делува провокативно во сегментот кој традиционално е конзервативно настроен

Објавено на 19 март 2020 година

Некои тоа ќе го припишат на гревовите од минатото, но новата Elantra всушност е одговор на предизвиците на иднината. Формулата што ја примени Hyundai за нејзиниот дизајн не е непозната, но досега беше користена само кај поскапите возила. Корејците се први кои се осмелија да ја применат во овој традиционално конзервативно настроен сегмент. Можеби и заради тоа како локација за нејзината премиера беше избран Холивуд како место каде неконвенционалното владее. Како и да е, сега пред нас гледаме автомобил со дизајн кој неговите креатори го опишуваат како параметрички динамичен. Со обични зборови кажано, неговата каросерија изгледа како надвисната над подвозјето, кое за оваа генерација е сосема ново. Во однос на досегашната Elantra новиот модел е подолг, поширок и понизок, а има и поголемо меѓуоскино растојание. Тоа само по себе предизвикува емотивни реакции од нејзиниот карактеристичен стајлинг, за кој скоро сите ќе кажат дека е далеку од тоа што беше и изгледа како обид премногу да се истакне од мноштвото други вакви лимузини. Ако навистина е така тогаш мора да признаеме дека успеале во тоа, беа разлика дали ни се допаѓа или не. На широко развлечената предница на прв момент ништо не се забележува, а на втор едвај ќе ги видите мигавците и дневните ЛЕД светла. Тие се интегрирани во аголните фарови кои како продолжение на маската се растегнати на страните на ниско спуштената хауба. Сето ова е само увод во долгата силуета со развлечени линии, за кои некој може да каже и дека се елегантни. А таму искршените површини визуелно се надградени со нешто повисокиот покрив, кој со црните инсерти динамично завршува со интегриран заден спојлер и карактеристични светла на опашката.

Сфаќајќи дека можеби отишле прерадикално, дизајнерите на Elantra ја смирија нејзината внатрешност на прифатливо ниво, кое сега заради новите линии делува сосема модерно. Посебно управувачот зад кој се крие дигитална инструмент табла. Секако, унапредени се и инфо-забавниот систем, а материјалите се поквалитетни. Опремата е надградена со нови безбедносни системи меѓу кои и оние за задржување на лентата на возење, автоматското запирање во итни случаи и надгледувањето на мртвите агли, но адаптивниот темпомат остана опција. Амбиенталното осветлување дава 64 бои на располагање, а безжичното полнење на телефоните и дигиталниот клуч со кој може да се влезе во Elantra само со мобилен телефон го затвораат кругот на подрастичните отстапувања од досегашниот курс на Hyundai. До толку што сега со гласовни команди може да се регулираат клима уредот и греењето на седиштата.

На американскиот пазар новата Elantra ќе се нуди со дволитарски бензинец со 147 коњски сили, спарен со интелигентна континуирана трансмисија. Како алтернатива ќе се добива и со хибриден 1,6 литарски мотор со комбинирани 139 коњи и шестстепен менувач со двојна спојка. За подоцна се споменуваат и 1,2 литарски турбо и плаг-ин варијанти, но за нив засега е премногу рано да се зборува. Производството ќе и започне оваа есен во Јужна Кореја, а веднаш потоа и во фабриката на Hyundai во Алабама во Соединетите Американски Држави. Првата генерација на Elantra се појави пред точно 30 години, а Hyundai досега има продадено скоро 14 милиони примероци од овој модел.

клучни зборови: ,