Great Wall Wey и Ora

насловна Новитети

Кинезите доаѓаат!

По втор пат, откако не успеа со теренците и пикапите, Great Wall тргнува во поход на Европа

Објавено на 8 септември 2021 година

Менувајќи ја стратегијата, Great Wall сега ќе им се додворува на европските купувачи со премиум електрифицирани возила кои ќе ги лансира под две свои марки. Теренецот претставен тука во Минхен со ознака Wey Coffee 01 е плаг-ин хибрид со кој ќе се предизвикуваат германските производители. Со должината од 4,87 метри се сместува меѓу две нивни класи, а со комбинираните 476 коњски сили кои ги извлекува од дволитарскиот мотор практично ги надминува. Менувачот му е деветстепен, а значајна карактеристика е што во чисто електричен режим може да помине до 150 километри со едно полнење на батериите.

Покрај него, Great Wall ќе се испроба и во компактниот сегмент каде ќе напаѓа со ретро дизајнираните Ora Cat 01 и 02, чиј изглед дефинитивно ќе предизвика поделени мислења. Располагаат со електромотор со 170 коњски сили, а двата пакети батерии обезбедуваат автономија од 300 односно 400 километри. Кинезите уште наведуваат дека ќе бидат опремени со бројни системи за асистенција на возачот и безбедносни технологии. Амбиции има и за спортската лимузина Cat 03 со моќни 408 коњски сили, ама тешко дека таа би им се допаднала на Европјаните.

Нарачките за сите модели ќе започнат да се примаат веќе кон крајот на годината, кога ќе бидат соопштени и цените. Првите испораки се очекуваат на почетокот на следната 2022-ра, кога во Минхен ќе биде отворен и како велат, центар за испробување на брендот во Европа.