Делфино Мобилити Груп е новиот увозник на автомобили во Македонија кој ги донесе и сака да ги пробие возилата од добро познатиот кинески бренд Geely.
Во најава на почетокот на официјалното работење кое треба да започне идниот месец, во изложбениот салон сместен во Т.Ц. Џевахир, Делфино Мобилити Груп изложи два модели на Geely. Познатиот кросовер Atlas и неодамна во Европа претставениот Coolray се адутите со кои првично се претстави кинеската марка на македонските купувачи, а во текот на годинава ќе следат уште неколку пријатни изненадувања.
Со оглед дека Geely, меѓу другите автомобилски марки, го поседува шведскиот Volvo, не изненадува што компактниот кросовер Coolray користи иста платформа со компактните шведски кросовери, но и четири цилиндерскиот 1,5 литрен турбо-бензинскиот мотор со 172 КС. Според изгледот наменет е на младата клиентела и чини 28.500 евра.
Поголемиот модел Atlas е дело на кинеските инженери. И тој користи 1,5 литрен, но три цилиндерски бензинец, кој со помош на умеreниот хибрид испорачува вкупно 177 коњи од кои 13 доаѓаат од електричната поддршка. Големите пропорции го класифицираат во категоријата на семејни кросовери а цената од 32.500 евра го прави достапен. Возилата на Geely во Македонија имаат четири годишна гаранција или 100.000 километри. Нека е со среќа.