Пред 116 години Ford го испорача првиот Model T
Точно на денешен ден 1908 година беше испорачан првиот примерок на автомобилот што ја започна револуцијата во индустријата – Ford Model T. Моторизирајќи ја прво Америка а потоа и целиот свет, до 1927 година беа произведени повеќе од 15 милиони примероци, рекорд што дури во 1972-рата го сруши Бубата на Volkswagen. Имаше робусен и издржлив четирицилиндричен мотор од 2,9 литри кој развиваше 20 KS и преку двостепениот менувач можеше да постигне 72 km/h. Трошеше 11 до 18 литри на 100 километри, а кочеше само со задните тркала. Ford Model T е и синоним за воведувањето на монтажната лента во автомобилската индустрија што придонесе да се скрати времето за производство од 12 ипол часа на само 93 минути. Затоа и сите возила беа црни бидејќи таа боја најбргу се сушеше. Системот беше толку ефикасен што од фабриката на Ford на секои 24 секунди излегуваше по еден автомобил. Се намали и цената, од почетните 850 на 260 долари. Се произведуваше во триесеттина различни изведби.