Ford Explorer » Голем, хибриден и скап

Top News Новитети

Голем, хибриден и скап

Повеќе од една година откако беше најавен, Ford Explorer пристигна во Европа
Објавено на 19 мај 2020 година

Како дел од планот за електрификација на гамата на Ford, големиот Explorer во понуда ќе биде само во плаг-ин хибридна верзија. Комбинацијата од трилитарски V6 и електромотор-генератор му обезбедува солидни 457 коњски сили и 825 њутн-метри максимален вртежен момент. Тие се пренесуваат на сите четири тркала преку десетстепен автоматски менувач. Литиум-јонската батерија чие полнење на куќна мрежа трае безмалку шест часа му обезбедува електрична автономија од само 42 километри. Причината за тоа е големата тежина која Ford не ја објави, но во секој случај надминува два тона. Но таа не е пречка според спецификациите Explorer до сто на час да забрзува за шест секунди и да постигнува 230 километри на час.

На возачот на располагање ќе му бидат дури седум режими за возење, меѓу кои и посебно наменет за влечење приколка. Овој петметарски теренец во Европа ќе стигнува со седум седишта и импресивен пакет опрема кој вклучува SYNC 3 инфозабавен систем со огромен дисплеј и Bang & Olufsen аудио со 14 звучници од 980 вати. Цената во Германија му изнесува високи 76.000 евра. Сегашната шеста генерација беше претставена лани во јануари на салонот во Детроит. Ford во изминативе триесет години има продадено 10 милиони примероци од Explorer.

клучни зборови: ,