Fiat подготвува освежување на гамата
Молчешкум, во тишина, Fiat подготвува сериозно освежување и проширување на својата гама
Објавено на 21 август 2019 година
Година по година, деценија по деценија, гамата на Fiat постојано се намалува за сега да се сведе само на Panda, Tipo и моделите од семејството 500. А токму тоа ќе биде и основа за идното освежување и проширување на понудата, кое ќе стартува со електричниот 500. Треба да стигне околу средината на идната година, но освен дека се преговара со PSA за електричните технологии, за него детали сé уште нема. Срамежливо се споменува дека ќе им се придружи и модел кој ќе го наследи Tipo и со кој Fiat вистински ќе ја нападне компактната класа, овој пат во SUV формат. Платформата ќе ја дели со Jeep Renegade и Alfa Romeo Tonale, што најавува дека ќе биде достапен и со plug-in хибриден погон. Треба да се очекува и унапредување на 500X, кој ќе добие интересна Giardiniera стилска верзија. Новата Panda која ќе биде инспирирана од концептот Centoventi на пазарот можеме да ја очекуваме до 2021 година, а за иднината на 500L ништо не се споменува.
Како и да е, иако одамна изгледа дека италијанската компанија не е воопшто активна, јасно е дека обновувањето на своето портфолио го подготвува молчешкум, во тишина, така што во иднина можеме да очекуваме интересни новитети.