Ferrari SF90 Stradale » Иднината пристигна во Маранело

Иднината пристигна во Маранело

Во чест на 90-годишнината од формирањето на тркачкиот тим на Енцо Ферари, италијанскиот производител што го носи неговото име го претстави својот прв хибрид

Објавено на 31 мај 2019 година

Новиот SF90 Stradale не е само хибриден спортски автомобил со plug-in можности. Тој е многу повеќе од тоа, бидејќи со него се менува иднината на Ferrari. И како и секогаш досега во минатото, таа ќе биде предводена од перформансите. Кај SF90 Stradale нив ги обезбедува погонски склоп составен од V8 агрегат и три електромотори. Два од нив се сместени напред и освен за индивидуална torque vectoring дистрибуција на силината се задолжени и за возењето наназад. Бензинецот е твин-турбо, по потекло од 488 Pista и F8 Tributo. Унапредувањата што ги доби му ја покачија силината на 780 коњи. Поставен е за 50 милиметри пониско во возилото, а спарен е со нов осумстепен менувач со двојна спојка кој реагира за 200 милисекунди. Електричниот систем располага со мала батерија од 7,9 киловат-часа која на SF90 Stradale му овозможува да помине до 25 километри со нула емисии. Во перформансниот режим на работа додава уште 220 коњи, со што бројката за максимална моќност во спецификациите на овој супер Ferrari се искачува на илјада. Со нив до сто на час тој ќе забрза за 2,5 а до двесте за 6,7 секунди. Максималната брзина му изнесува 340 километри на час, но побитно од неа е однесувањето во возењето за што сериозна заслуга има и новата шасија. Со употребата на алуминиум и јаглеродни влакна таа е покрута и полесна. Тежината на овој уличен болид изнесува 1.570 килограми, од кои дури 270 отпаѓаат на електричниот дел од погонскиот склоп. Системот за сопирање има регенеративни способности, но сепак за максималната безбедност се грижи класичната хидраулика.

Исто како и механиката, и внатрешноста на Ferrari SF90 Stradale е одраз на високата технологија. Зад управувачот со интерфејс чувствителен на допир е сместен 16-инчен заоблен екран кој ја има улогата на дигитална инструмент-табла. Виталните информации ги пренесува новиот head-up дисплеј кој може да се конфигурира. Конвенционалните копчиња на централната конзола сепак се задржани, а целиот ентериер е направен така да може да ги канализира децибелите од моторот во октанска арија за двата патника.

Колку сеопфатно имаат работено инженерите на Ferrari на овој модел се гледа и од дизајнот на возилото. Неговите основни конструктивни пропорции се одраз на хибридниот карактер на SF90 Stradale. Кабината е поместена понапред, а аеродинамичните елементи даваат значајна потпора за пренесување на зголемената моќност. Задното крило е составено од два елементи, од кои активниот електрично е задвижуван за обезбедување максимална сила на прилепување. Внимавано е и на целокупната термика на возилото, која заради хибридниот погон значително е изменета. Однапред гледано се забележува радикална еволуција на изгледот, кој како и целиот автомобил заслужува само суперлативи.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER