Ретро посвета на слаткиот живот спакувана во импресивно издание
Под насловот La Nuova Dolce Vita, Ferrari го претстави својот нов модел
Објавено на 14 ноември 2019 година
Петти по ред годинава, најновиот модел на Ferrari го задвижува осумцилиндричен напред поставен турбо V8 мотор со зафатнина од 3.855 cm³ и силина од 620 KS, колку да ви дадеме малку увод во насловот La Nuova Dolce Vita под кој куќата од Маранело го лансираше. Иако вакво нагло ширење на нејзината палета се толкува со потребата да се одржи профитот и цената на акциите, тој сепак во целост е чистокрвен Ferrari кој сосема го оправдува асоцирањето на слаткиот живот во привлекувањето на вниманието кон себе. Има препознатлив стил изведен во современ приказ на безгрижниот и угоден начин на живот, на кој Ferrari во ретро расположение се повикува како карактеристика на Рим во 50-тите и 60-тите години. Моделот сепак нема ништо заедничко со тоа време, освен можеби 2+ купе конфигурацијата што значи дека освен двете предни седишта има уште две назад кои освен за украс не можат да служат за ништо друго. Од 0 до 100 km/h забрзува за 3,4 а до 200 за 9,3 секунди, додека максималната брзина му е 320 km/h. За пренос на силата на задните тркала се грижи 8-степен менувач со две спојки од SF90 Stradale. Цената не е објавена.
За блиска иднина, Ferrari вети и неколку хибридни модели настанати како специјални изданија на постоечките, но и сосема нов SUV модел кој се очекува при крајот на 2022 година. Целта е да се оствари желбата за двојно зголемување на профитот и зголеми маржата на над 38 отсто, без притоа да се жртвува ексклузивноста. Заради тоа претставувањето на нови возила идните години ќе биде забавено, што е причина повеќе да уживаме во овој модел.