Вистинска посластица!
Објавено на 15 октомври 2018 година
Додека чекаат одговор од раководството дали да прават SUV или не, мајсторите на својот занает од Маранело подготвија вистинска посластица. Ја нарекоа Monza и ја понудија во два вкуса, но само на ексклузивно одбрани купувачи. Додека ние другите можеме да се насладуваме со перфектно искомбинираниот ретро дизајн со модерните стилски елементи, тие ќе го пробаат и V12 моторот. Најсилен кој Ferrari било кога го има направено, од неговите 6,5 литри работна зафатнина без турбо помош се извлечени 810 коњски сили. Нивната моќ во возењето добро ќе се почувствува, бидејќи овие уникатни спортисти немаат ветробранско стакло. Меѓусебе се разликуваа по бројот на седиштата, едно или две. Другото е исто – спринт до сто за 2,9 секунди, а до двесте за помалку од осум. Максималната брзина изнесува повеќе од 300 километри на час, а цената не е објавена. Не се знае ниту колку примероци ќе бидат направени, ниту пак кога.
Видео