Драматичниот дизајн на предниот дел, иновативниот e-POWER погон и зголемената дигитализација се силни аргументи на обновениот Qashqai
Nissan Qashqai е основоположник на сегментот компактни кросовери. Кога се појави на пазарот пред 18 години беше осамен, но за оваа временска дистанца се случи вистинска експлозија во понудата. Не постои производител на возила што нема свој претставник, а сегментот е пренатрупан и бележи најголем пласман на автомобилскиот пазар. Својата успешна прикаска Nissan ја потврдува со досега продадени четири милиони примероци на Qashqai.
Сега ја продолжува со рестилизираниот модел од третата генерација која е актуелна од 2021 година и најде повеќе од 350.000 купувачи ширум Европа. Qashqai води постојана битка за да остане на врвот, а овој фејслифтинг е дизајниран да го засили неговиот арсенал.
На прв поглед
Станува збор за козметички и технолошки подобрувања, но овие промени се значајни. Терминот „битка“ е соодветен бидејќи сега Qashqai ја облече својата самурајска униформа.
Храбриот нов изглед е заснован околу голема решетка со LED фарови и дневни светла во форма на запирка. Дизајнот е инспириран од древниот оклоп на самураите, што е убаво признавање на родното наследство на Qashqai. Предницата изгледа пријатно и маркантно. Нови бои и дополнителни несекојдневни дизајни на алуминиумски тркала од 18, 19 и 20 инчи се исто така вклучени во ажурирањето.
Суптилно е подобрен задниот дел со светлосни групи што изгледаат поостро, тие се се монохроматски и транспарентни кога не се во употреба. Направени се измени на браниците кои сега оддаваат впечаток на робусност. Вака стокмениот Qashqai делува храбро, динамично и атрактивно.
Внатрешно уредување
Квалитетот на материјалите е зголемен и при самото влегување се чувствуваат подобрувањата. Се воочува прецизноста на изработката, сите пластики се со добар квалитет, сè e добро споено.
Во највисокото ниво на опременост N-Design внатрешноста е пресвлечена со Алкантара, висококвалитетен синтетички велур, па внатрешноста на Nissan е елегантна и делува вкусно украсена. Кабината е просторна. Qashqai има пријатен спој на дигитални и аналогни контроли лесни за користење. Како што обично бива во сите современи возила пред возачот се поставени екрани.
Двата се од 12,3 инчи во дијагонала. Првиот ја има улога да ги отчитува инструментите а вториот, на допир, за инфозабавата. Составот е засилен со вградената технологија на Google. Ова го подобрува мапирањето на навигацијата, значително ја зголемува поврзаноста и гласовните команди. Ми се допаѓа што сè уште има физички контроли за клима уредот, како и група прекинувачи за музичкиот систем веднаш под централниот екран, а има и повеќе копчиња на самиот волан.
Ергономски кабината на Qashqai е одлично стокмена. На технофилите ќе им се допадне и острата проекција на ветробранското стакло за која е задолжен 10,8 инчен хедап дисплеј, додека безжичната подлога за полнење на паметни телефони е интелигентно поставена под централната конзола. Ништо во начинот на функционирање на системите вградени во Nissan Qashqai нема да ве изненади. Во тоа е и поентата. Тој е наменет да биде тивко и удобно, семејно возило.
На задната клупа дури и три патници може да се чувствуваат удобно, а багажникот официјално оценет со 504 литри во верзијата e-Power не е ниту извонредно голем ниту скржаво мал во оваа класа.
Уште неколку збора за техниката
Наставката e-POWER може да сугерира дека станува збор за целосно електричен автомобил, но вистината е малку посложена. Nissan јасно се декларира дека неговата иднина е електрична, но уште останува верен на хибридите. Тоа е пример со e-POWER погонската група. Оваа технологија е докажана во Јапонија, каде што Note e-Power беше бестселер со години.
Nissan темелно го разви системот за да одговара на повисоките барања на европските возачи и патишта, барања на европските возачи но, вклучително и зголемување на силата на двата мотори. e-POWER сочинет е од 1,5 литарски три цилиндерски турбо бензинец од 156 КС, но тој нема врска со менувачот и тркалата. Неговата задача е да произведува струја која преку инвертор ја полни батеријата од 1,8 kWh, а таа го храни електричниот мотор од 140 kW кој го движи возилото. На прв поглед чудно решение или, подобро да се изразам, несекојдневно.
Како тоа функционира во реалниот свет?
Тест рутата не водеше по живописната португалска патна инфраструктура во околината на Фаро.
Покрај кратките делници на автопат, поголемиот дел од дводневните возења се одвиваше низ планински превои испреплетени со кривулести патишта. Накратко, идеална маршрута за возење. Како и да е, бидејќи Nissan има само мал пакет батерии бензински мотор работи почесто отколку што може да си замислите. Системот e-POWER е секако неортодоксен. Во некои аспекти, тоа е како возење електричен автомобил, бидејќи само електричниот мотор ги врти тркалата преку едностепен менувач типичен за електричните возила.
Испораката на енергија е линеарна и мазна бидејќи ги нема типичните тресења како кај конвенционалните хибриди кога се префрлаат помеѓу бензински и електричен погон. Сепак, нема моментално забрзување како електричен автомобил, но подобро е отколку кај конвенционален мотор на согорување. Во градски услови на возење и на отворен пат целиот систем е тивок.
Во инает на малата батерија поголемиот дел од урбаните делници се поминува без да се вклучи бензинскиот агрегат. А, и кога ќе се вклучи да ја полни батеријата, процесот се одвива мазно и скоро бесчујно. Вистинскиот впечаток се добива кога сакате да возите динамично. Планинските рути беа пресвлечени со рамен асфалт, нешто што е несвојствено за нашата патна мрежа. Згора на тоа не се оптоварени со фрекфентен сообраќај.
Nissan Qashqai e-POWER има околу 200 килограми повеќе во однос на стандардната изведба со благ хибрид, но лесно ги носи. Управувањето е прецизно, потпирањето влева самодоверба, лежењето на патот оддава зрелост, а 20 инчните тркала се покажаа како вистински избор што допринесуваат на целиот впечаток. Иако Qashqai не е спортски автомобил, туку семеен кросовер дозволува агресивно возење.
Да бидам искрен не би си простил самиот себе си доколку низ свиоците не ја „приковував“ педалата за забрзување. И тогаш се забележува сета убавина на погонот e-POWER. Ве движи електромотор со повеќе од пристојна перформанса, а во ушите ви доаѓа прекрасното ржење на бензинскиот мотор кој се ангажира да испорача доволно струја на батеријата.
Очигледно е дека инженерите на Nissan се имаат потрудено да ги усогласат вокалните квалитети на бензинскиот мотор со начинот на возењето за да „транзиционите“ возачи ја ублажат носталгијата кон звукот, кој барем мене многу ми недостасува, на распеаните цилиндри. Во поголемиот дел од возењето каде дозволуваа условите возев прилично нападно, а на тој стил Qashqai не се спротивствуваше и се покоруваше на она што го правев.
Вистински самурај. Во предвид треба да се има високото тежиште на возилото и сите недостатоци што тоа ги носи. Впрочем тоа е судбина на сите кросовери од оваа класа. Само кога многу ќе форсирате во остри свиоци се огласуваа системите за стабилизација. Во ситуација на повеќе врзани брзи свиоци тежината правилно се префрла од една на друга страна.
Големите тркала помалку се возбудуваа на нерамнини, но впечатокот ми е дека Qashqai останува еден од покомпетентните кросовери со средна големина за секојдневно возење. За апсолвирање на спринтот од 0-100 км/ч потребни му се 7,9 секунди. Електро моторот испорачува 187 коњи и 330 Nm, додека максималната брзина изнесува 180 км/ч. И тоа е сосема доволно за семеен кросовер кој може да задоволи возачки апетити и кога тато се вози сам.
Колку бензин чини струјата?
Тоа ќе зависи од тоа каде го правите најголемиот дел од вашето возење. За повеќето возачи на Qashqai, тоа веројатно ќе биде во и околу градот.
Можеби е за дебата ефикасноста на користењето на кросовер како урбано превозно средство, во градското возење борд компјутерот пријавува импресивни 4,5 литри на 100 километри. На отворен пат, просекот се искачува на околу 7,0 литри на 100 км. На извозените околу 320 километри просекот изнесуваше 6,8 литри на 100 км, што е прифатливо.
Сепак ова е електричен кросовер што никогаш нема да посети станица за полнење на струја.
Заклучок
Со својот паметен надворешен изглед, пространа и добро опремена кабина, високото ниво на технологија, мазен и економичен e-POWER погонски склоп, добро ниво на возни карактеристики, ревидираната трета генерација на Nissan Qashqai прави сè добро и ништо особено лошо.
Тоа не е највозбудливиот автомобил на светот, но е одлично приспособен на семејниот живот и потреби. Поради тоа ќе продолжи да се продава како топло лепче. Од системот e-POWER Nissan очекува да биде преодна фаза на сегашните купувачи кон БЕВ и дека токму тие што ќе го купат Qashqai e-POWER ќе се одлучат за целосно електричен автомобил следниот пат.
Само не ми е јасно како ќе ги убеди купувачите на долгите полнења и неизвесноста околу расположливите полначи. Во случајот со Qashqai e-POWER е лесно. Се возите на струја а полнењетона резервоарот трае само неколку минути на било која од било бензинските пумпи кои ги има зад секое ќоше. Тоа е голема предност особено ако редовно правите долги патувања.