Ексклузивно – Прво возење на Dacia Spring

Ексклузивно насловна

Втора електрична револуција?!

Јасно дефинираната намена и рационалноста се главните адути на Spring
објавено 17. септември 2021

Веќе стана навика Dacia да го тресе автомобилскиот пазар. Првото сеизмичко движење го направи со Logan, второто сé уште трае со кросоверот Duster, додека Spring најавува тектонско изместување, овој пат со електричниот погон со крајно рационален и прагматичен пристап

Каде припаѓа малиот револуционер?

Романците сакаат да го омасоват електричниот погон со евтин производ. Таквата одлука се донесе во вистински момент давајќи има надеж и на оние со плиток џеб да станат дел од прикаската на, досега елитистичките по цена, електрични автомобили со батерија. По димензии припаѓа во категоријата на најмали автомобили каде веќе е добро познато триото VW Up, SEAT Mii  и Škoda Citygo како и братскиот Renault Twingo. Првата предност му е цената која во земјите на ЕУ е поставена на 20.990 евра, а во зависност од регулативите на земјите членки субвенциите може да го доведат до цена пониска од 11.000 евра што е далеку поевтино од останатите!

На прв поглед…

Spring делува повеќе од симпатично. Скромните димензии (3,73 должина, 1,73 широчина и 1,52 метри висина, ја најавуваат неговата основна амбиција, а тоа е да биде градски автомобил кој нема да загадува. Покрај тоа, формата потсетува на теренец па ќе им се допадне и на оние кои го следат трендот. Во тој дух е скроен дизајнот на чија предница доминираат големите светлосни групи и теренски скроени маска на ладилникот и браникот. Во страничниот рељеф се истакнуваат со пластика пресвлечени лакови над тркалата и покривните носачи а назад интегрираниот спојлер и гломазен светлосен кластер. Сé на сé прилично кул целина.

Внатрешноста е токму каква се очекува да биде. Пластичните површини се тврди со решенија видени во веќе актуелните модели. Дифузорите за вентилација од страните се овални додека на централната конзола правоаголнести. Инструмент таблата е дигитализирана, а мониторот на инфозабавниот систем има подобра позиција отколку кај Duster. Поради тоа неговата употребливост е далеку покомфорна бидејќи не треба да се симнува погледот од патот.

Добро, а како ве внатре?

Амбиентот во внатрешноста дава измешани вредности. Тврда пластика, механичката рачна сопирачка, традиционалниот клуч со кого се врши стартување се остварувања како кај класичните автомобили. Од  друга страна нуди, меѓу другото, седум инчен навигациски систем со екран осетлив на допир, смартфон врска, паркинг сензори со камера и металик боја. Иако збунувачки овој „твист“ добро функционира. Каросеријата со четири врати има исто толку седишта на кои отсуствува простор за колената, но има повеќе отколку во Renault Twingo Electric.

Збунувачки но делотворнен коктел

На почетокот на возењето прв пат доживеав да стартувам електричен автомобил со клуч кој треба да се заврти во три степени. Сите досегашни возени електрични, а да бидам суров, и во поголги години и класични автомобили се стартуваа на копче. Тргањето е мазно. Веќе од тој момент го слушате ротирањето на моторот, исто така практично скроен. Според направените истражувања просечен сопственик на Dacia ја поседува 8,4 години, дневно поминува 31 километар, а дури 47% од сопствениците на мали автомобили не одат на одмор со својот автомобил. Тоа не ја оправдува скепсата кон електромоторот силен само 44 коњи напојувани од батерија со капацитет од 27,4 kW/h.

Весело и полетно

Имав рута од 25 километри низ кои ги запознав реалните употребни вредности. Во градскиот метеж низ кого се пробивав цели 45 минути во ниту еден случај не се осетив инфериорно. Малиот Spring одлично се снаоѓа со својата, навидум мала сила. Поради штедењето на тежина изоставен е добар слој на звучна изолација што резултира со понагласени тонови кои доаѓаат од тркалата и при рекуперација. Ниту управувањето не е идеално, но со секој извозен километар се сваќа суштината на Spring. Тој е наменет како евтина солуција на електрификацијата за градски средини каде се истакнува со практичноста, декларираните 300 километри во урбани услови, но и конективните технологии. Навигацискиот систем работи безпрекорно, дури одлично реагира на давање солуции при грешка на возачот. Декларираната крајна брзина од 125 км/ч е второстепен податок, но овозможува солидно однесување на автопат.

Дали би купил еден?

Dacia декларира дека досега се нарачани 20.000 примероци, а според планот е до крајот на годинава да се заклучат 26.000 испораки. Според цената Spring е најевтиниот, а по возењето заклучив дека е и нај прагматичен електричен автомобил. Доколку би имал потреба од исклучиво градски автомобил и би имал погуста мрежа за полнење не би размислувал. Доколку кај нас би имале субвенции изедначени со ЕУ, тогаш би пуштил срце. Наместо 10.990, би ја нарачал најопремената верзија Comfort Plus. Што е 2.000 евра на таа пара?

Заклучок

Дали Dacia ќе успее во масовната електрификација рано е да се коментира. Тоа и појде од рака со Logan, одлично се вклопи со Duster каде е најпродаван кросовер во сегментот. Но, клучно за електрификацијата се батериите и мрежата на полнење. Во двата случаи предност имаат големите риби додека помалите јата се оставаат да пливаат во плиткото. Доколку групата Renault обезбеди доволно батерии за своите планови, тогаш „романската пролет“ може да се рашири на сите 77 пазари на кои е активна Dacia. Производството се одвива во Кина.