Ексклузивно – Прво возење на Dacia Duster

Ексклузивно насловна

Карпатска прашина!

Cо новото освежување Dacia го продолжува успехот на бестселерот Duster

објавено 21. септември 2021

Кога беше претставен кросоверот Duster, во 2010 година никој не се осмелуваше да даде јасна прогноза за продажбата. Единаесет лета подоцна зборуваме за освежување на најдобро продаваниот кросовер во класата во последните две години.

Од анонимност до слава…

…Патот е исполнет со предизвици. Применетата формула очигледно пали кај купувачите. Доказ за тоа е пласманот на 77 пазари и, за малку, два милиони продадени примероци. Никој не се надеваше таков успех да доживее модел што доаѓа од подножјето на Карпатите. Теренскиот изглед 4,3 метри долгата каросерија го оправдува со мускулозната форма и издигнатоста над подлогата. Светлосните групи добија нова графика со LED светла распоредени во форма на буквата Y. Ново дизајнираниот спојлер на покривот, заедно со 16 и 17 инчните тркала од лесна легура, ја зголемуваат аеродинамиката. Тоа само ја дополнува информацијата дека е намалена емисијата на СО2 од 5,9 грама на километар за варијантата со погон на сите тркала. Изведбата со погон на сите тркала испорачува импресивни теренски можности несвојствени за класата. Нема никаква електрификација, но понудена е верзија со комбинирано напојување со плин и бензин.

Што е рестилизирано во Duster?

На прв поглед не многу. Осем споменатите графички освежувања на светлата, на надворешноста може да се забележат ново дизајнираните тркала. Една од девизите на компанијата се интелигентните решенија пригодни за семејно користење на возилото на следбениците на активен животен стил. Нив ги има неколку, како носачот за велосипеди кој се извлекува по потреба сместен испод подот на багажникот или покривните носачи што може да понесат поголемо оптоварување.

Внатрешноста доби подобрен текстилен исказ, модифицирани потпирачи за глава и нова централна конзола со лизгачки потпирачи за раце. Понуден е нов медиумски систем со осум инчен екран осетлив на допир, интеграција на паметни телефони и два USB порта, а информациите за возилото и податоците за потрошувачката може да се повикаат на корисничкиот интерфејс. Дека ова е последното освежување пред да настапи третата генерација покажува несменетата позиција на екранот. Таа е ниска и доколку сакате јасно да ги следите податоците го одвлекувате погледот од патот. Престојот во кабината е пријатен со јасна слика што се случува околу возилото. Високата позиција на седење и едноставноста на ергономијата даваат предност во секојдневна експлоатација.

Лежерен и сéстран

Рутата долга 180 километри низ живописни пејзажи покажа дека Duster е способен да го издржи притисокот. Во неа извозев низ населени места, автопат, локална патна мрежа па до теренски полигон, услови во кои кросоверот ги покажа сите свои атрибути. Во тест флотата имав избор да возам три мотори, два преноса и исто толку погони. Го започнав возењето со прагматичната Bi-Fuel изведба. Три цилиндерскиот турбо-бензинец испорачува 100 коњи. Неговата предност е можноста да користи плин или бензин како гориво. Опремен е со резервоари со вкупен капацитет од 90 литри што гарантира  автономија до 1.235 километри. Она што би го издвоил е смиреното работење на моторот без оглед дали го возите на бензин или плин. Од него не се очекува перформанса ниту пак експлозивност, но во секој случај може да смета на неговата елстичност и штедливост. Во ниту еден момент не почуствував дека се гуши а без многу поговор прифаќа работа под тортура. Главната намена на оваа верзија е да биде економична и еколошка бидејќи Duster нема електрична поддршка.

Излет вон асфалтот

Нема хибриди, но сé уште нуди погон на сите тркала во својата дизел и најсилната бензинска верзија. На специјално уредениот теренски полигон ме дочека турбо-дизел со 115 коњи. Во овие услови не е важна силата туку вртежниот момент. На пречките Duster ја потврди својата репутација. Без проблеми ги поминуваше сите задачи покажувајќи ги предностите на погонот на сите тркала. Каросеријата стоички се однесува на нерамнини, сосема суверена е при торзиони оптеретувања, а поради измените на предните и задните браници сега има зголемен приоден агол и возливост при страничен нагиб до 21 степен.

Во рамките на инфозабавниот систем кога ќе се префли во 4х4 модус се појавуваат компас и индикатори за наклонот на возилото па возачот има информација за својата положба и ситуација на теренот. На помош пристигаат и камерите со детална слика околу целото возило или на одредена од понудените четири страни. Осем добрите механички подесувања за терен, верзијата со 1,3 литрениот  четири цилиндерски турбо-бензинец нуди високо ниво на комфор во возењето на асфалт.

Впрегнат со шест степен мануелен менувач ја пренесува силата од 150 коњи само на предните тркала. Истата основа е употребена кај послабиот бензинец со 130 коњи кому му е одземен погонот на сите тркала но додадена е  автоматика со двојна спојка. Дневната маршрута ја завршив со јасна импресија за Duster кого го познавам од почеток на неговата кариера. Последната средба преставува позитивно изненадување кое се градеше низ извозените километри. Освежениот амбиент дава подобро чувство при престој во внатрешноста, рационалната опременост не прави компромис при конективните технологии овозможувајќи лесно поврзување и користење на апликациите, вградената навигација добро функционира, понудените опции за моторизација сосема прифатливи.

Не смее да се изостави просторноста на кабината. Во неа може комотно да се сместат четири возрасни лица и нивниот багаж. Кому му треба голем капацитет, со спуштање на задната клупа се формираат 1.7 м3 простор. Згора на тоа цената останува во рамките на очекувањата. Ова не е перфектен кросовер. Како и повеќето модели во класата, поради зголеменото растојание од тлото, изразени се навалувања на каросеријата при енергично возење низ свиоци. Положбата на екранот не е најдобра, дискутабилна е и звучната изолација, но сите замерки се во рамките на толеранцијата.

Заклучок

Изреката „евтиното два пати се купува“ можеби важи за бела техника, мебел или електроника, но дефинитивно не за Duster! Во неговиот случај би рекол дека „евтиното дебело се исплати“. Следната година пристигнува новото лого на маската па можеби надворешноста ќе биде „варлива“ за пробирливата клиентела. Токму таквите најмногу замеруваат на тврдите пластики во внатрешноста. Рационалните поминуваат преку тоа бидејќи при возењето активни се бројни асистенти за активна и пасивна заштита, конективноста е добра додека возните својства, изборот на мотори и добро одмерената цена се пресудни фактори. Токму тие ја проширија „Карпатската прашина“ низ 77 пазари.