Сите патишта водат кон Кина и од Кина
Автомобилската индустрија како да стана зависна од Кина. Дури и јапонските марки прават алијанси со тамошните производители за да обезбедат парче од најголемиот пазар за автомобили на сватот.
Таков е примерот на Nissan кој во првата половина на 2025 година ќе лансира голем електричен седан наречен N7 изграден на новата модуларна архитектура на Dongfeng Nissan, наменета исклучиво за електрифицирани возила. Развиен и произведен во Кина ветува искуство во возењето без стрес, супериорна удобност и пакет на интелигентна технологија. Со димензии 4.930 мм во должина, 1.895 мм во ширина и 1.487 мм во висина, N7 има меѓуоскино растојание од 2.915 мм што обезбедува пространа кабина. Во партнерство со Momenta, лидер во технологијата за автономно возење во Кина, Dongfeng Nissan ќе го опреми N7 со напреден систем за помош на возачот наречен „Navigate on Autopilot“.
Новиот седан N7 го означува воведувањето на првиот целосно нов електричен модел во Кина како дел од среднорочниот план на Nissan. Преку овој план, Nissan има намера да го забрза развојот и извозот на нови енергетски возила од Кина. Дополнителни детали ќе бидат дадени поблиску до почетокот на продажбата следната година и не треба да изненадува доколку N7 стане глобален модел.