Изборот за Најпосакуван Автомобил во Македонија – Златно Тркало свечено ги инаугурира победниците
Петтото издание на Златно Тркало, изборот инициран од најстариот автомобилски медиум Авто Плус кој оваа година одбележува 30 години непрекината работа, а со него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат CARclub, Cars by Vik, RPM.mk и БизнисИнфо ги додели годинешните признанија. Главната награда и победниците по категории се доделуваат на оние автомобили што освоија најмногу симпатии преку гласањето организирано на официјалната страница www.zlatnotrkalo.mk на која се креираа 20.519 гласања. Вкупно учествуваа 14 автомобили од кои се избраа победниците по категории.
Главната награда „Најпосакуван автомобил во Македонија за 2024 година“ ја освои Porsche Panamera со освоени 39.90 проценти од гласовите. Плакетата ја предаде сопственикот на Авто Плус – Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Винко Марашевиќ – Бренд менаџер на Porsche.
Популарноста на малата-голема Opel Corsa во Македонија повторно е потврдена. Таа освои 47.53 проценти од гласовите во категоријата „Најпосакуван градски автомобил“. Нејзини најголеми аргументи се изборот на три погони (согорување, умерен хибрид и електричен), модерниот изглед и опременоста избалансирани со адекватна цена.
Volkswagen е компанија што има широк спектар на електрифицирани возила. Гамата ID ја сочинуваат пет модели, а пред неколку месеци пристигнатиот во Македонија ID.7 доминираше во категоријата „Најпосакуван електрифициран автомобил“ со 31.22 проценти од гласовите.
Во Македонија Audi има одличен имиџ во категоријата на премиум возила. Тоа повторно го докажа освојувајќи дури 46.20 проценти од гласовите за „Најпосакуван премиум автомобил“ со моделот Q8.
Mazda CX-60 е „Најпосакуван семеен автомобил“ со 29.49 проценти од гласовите.
Гласањето годинава се одвиваше на официјалниот сајт на Златно Тркало, каде беа поставени сите модели поделени по категории, а покрај секој модел стојат линковите до членовите на Изборот кои водат до пост, вест или клип за возилото, од медиумот.





