Land Rover не се откажува од врвот
Стокмен за сите прилики
објавено 24. ноември 2020
Благите измени на Discovery 5 се оправдуваат со долговечниот дизајн направен да биде отпорен на времето. Во прв план е ставена електрониката преку која се добиваат многу поени. Воведени се новите шест цилиндерски линијски мотори впарени со благо хибридно засилување и дотерани се програмите за употреба на возилото. По се судејќи ѕвезда на освежувањето на Discovery 5 е Pivi Pro конективниот систем преку кого многу нешта се поедноставени во користењето на сите услуги што се овозможени. Дури и времето на реагирањето на командите е скратено па брзината на услугата е секавична поради дополнително вградената батерија која го убрзува вчитувањето на инсталираните податоци. Во комбинација со 12,3 инчниот интерактивен дисплеј се добива 3D мапирање на инструментите во висока дефиниција. Комфорот на патниците е обезбеден преку јонизирање на кабината преку која се врши филтрација на воздухот за да ги сопре РМ 2 честичките.
Новост се линиските шест цилиндерски мотори, еден бензински исто како и дизелашот со иста зафатнина и две различни моќности. Зад ознаката Р360 се крие трилитрениот шестак кој испорачува 360 коњи во тандем со умерениот 48V хибрид. Тој има 500 Nm во опсег од 1,750 до 5,000 вртежен момент што е многу важно на теренот. Истиот хибриден систем е два пати ангажиран кај дизелите. Првиот има 249 а посилниот рамно 300 коњи и произведуваат уште повисок вртежен момент. Тие имаат лесна алуминиумска конструкција и ја заменуваат претходната генерација дизели SD4 и SDV6. Интелигентниот спој на 48V благ хибрид и моторите на внатрешно согорување даваат комбинација што ги задоволува строгите еколошки регулативи. Единствен мотор што не е впарен со хибридниот погон е четири цилиндерскиот дволитрен турбо бензински Р300. Вака силните изведби се проследени со традиционално просторната кабина подготвена да прими седум патници во модерен амбиент. Теренското педигре на Land Rover е подобрено скромно, но значајно за оние кои го користат на теренот. За два степени се подобрени влезните и излезните агли па проодноста е на уште поголемо ниво.
Ревидираните модуси на возење се адаптирани за одговор на секаков вид на подлоги и на оние најтешките. Стандардното воздушно потпирање овозможува одлично ниво на комфор во сите опкружувања во содејство со технологијата на адптибилни амортизери која го надгледува однесувањето на каросеријата до 500 пати во секунда реагирајќи на секоја команда на возачот со цел врвна контрола и ремномерно однесување во секое сценарио. Со технологијата Terrain Response 2 обновениот Discovery автоматски се приспособува на моменталните услови па дури и длабока вода. Во Македонија пристигањето на Discovery предвидено е во февруари следната година со цени во распон од 75.000 до 130.000 евра.



