Нов херој на новото време
Cupra Terramar конечно го здогледа светлото на денот. Планиран да се најде во асортиманот на шпанската перформансна марка уште од самите нејзини почетоци, концептот еволуираше во привлечен SUV со моќна и претставителна појава. Наречен по поранешната тркачка патека во близината на Барселона има доста заедничко со идниот Q3 со кој ќе ја дели монтажната лента на фабриката на Audi во Унгарија. Должината поставена на 4,52 и меѓуоскиното растојание на 2,68 метри му обезбедуваат пропорции кои шпанските дизајнери скулптуресто ги имаат облагородено со мускулести линии и стил кој недвосмислено посочува на неговото потекло.
Внатрешноста е оригинална и се среќаваат само мал број сличности си другите модели, било од сопственото семејството, било од роднинските марки. Инструмент таблата е дигитална, мултимедијалниот систем има екран од 12,9 инчи а менувачот е на столбот на управувачот. Централниот тунел обликуван како да е свртен накај возачот има мал број прекинувачи и панел за безжично полнење на телефон. Предните седишта се со интегрирани наслони за глава, а задната клупа се поместува со што багажникот од 540 ќе порасне на 630 литри.
Богатата моторна понуда стартува со 1,5 литарскиот турбо со 150 коњски сили, 48-волтен стартер-генератор и погон на предните тркала. Следна опција е дволитарскиот TSi со 204 коњи кои се распределуваат на сите четири тркала, а врв на понудата е Terramar VZ со агрегат исфорсиран на 265 KS. Сите верзии се опремени со седумстепена роботизирана трансмисија со двојна спојка. Дизели нема, а плаг-ин хибриди се два, со погон на предните тркала и шестстепен DSG менувач во кој е вграден електромоторот. Се ослонуваат на 1.5 TSi агрегатот и имаат 204 односно 272 коњски сили. Струјата од батериите со капацитет од 19,7 kWh би требало да биде доволна за некои стотина километри, а полнењето може да се врши на терминал од 50 kW.
Продажбата ќе стартува наскоро, по цени кои во Шпанија благо ќе надминуваат 40 илјади евра.