Cupra Leon » Оле!

Top News Новитети

Оле!

Марторел вриеше – Seat дозволи Cupra и физички да се изводи од матичната компанија

Објавено на 25 февруари 2020 година

Новиот почеток на субмарката на Seat симболично беше означен со отворањето на посебен објект веднаш до главната дирекција, зачинето со претставувањето на лутиот Cupra Leon. Малку неочекувано но не и изненадувачки, тој беше покажан во хечбек и каравански верзии. Она што се очекуваше беа моќните мотори наменети за нив, кои ги има четири. Најслабиот кој воопшто не е слаб има 245 коњски сили, хибридно извлечени од 1,4 литарскиот TSi мотор. Практичноста му е нагласена со плаг-ин напојувањето, кое овозможува поминување на 60 електрични километри. Следи дволитарскиот турбо бензинец со истата сила, кој во својата навиена верзија располага со здрави 300 коњи. Но само за хечбекот, бидејќи за караванска ST изведба е резервиран истиот мотор со 310 коњи и 4Drive погон на сите тркала. Со него овој Leon забрзува до 100 километри на час за помалку од 5 секунди, а максималната брзина му е ограничена на 250. За комплетирање на перформансите сите модели имаат 7-степен DSG менувач со две спојки.

Cupra Leon однадвор се разликува по агресивниот изглед со нови спортски браници, посебно дизајнирани тркала од 18 и 19 инчи и аеродинамични додатоци околу целата каросерија. Внатрешноста дополнително е унапредена со нов атрактивен управувач, дигитална инструмент табла со тркачка телеметрија и спортски седишта. Возачот може да бира меѓу четири режима на возење, да издава гласовни команди на инфо-забавниот систем и да не се грижи кога многу кога претерува со брзината бидејќи тоа за него го прават мноштвото електронски асистенти. Плус на тоа возилото е спуштено за 25 милиметри, ослонувањето е потврдо а системот за сопирање по потекло од Brembo. Почетокот на продажбата на новиот Cupra Leon е закажан за есенва, а цените во овој момент не се објавени. Но сигурно нема да бидат ниски бидејќи Seat сака да загризе со оваа своја субмарка. Колку силно говори и податокот дека кога ќе ја комплетира својата гама се очекува таа да го дополни салдото на матичната компанија со милијарда евра приходи. Приликата беше искористена за покачување и на тркачките верзии на Cupra Leon – стандардната со 340 и електричната со 680 коњски сили.

клучни зборови: , ,