Cupra – Born

насловна Новитети

Еколошки и возбудлив

Прототипот претставен пред две години во Франкфурт го најави темпераментниот каталонски модел

објавено 28. мај 2021

Cupra Born е првото електрично возило на перформансната марка на ЅЕАТ кое ќе биде понудено во три верзии различни по силата на моторите и капацитетот на батериите. Неговото комерцијално лансирање е закажано за крајот на годинава кога ќе се објават сите поединости. Според фотографиите се гледа дека делува модерно и спортски засилувајки го имиџот што го негува шпанската марка.

Тука дизајнерите од Марторел имаа потполно одврзани раце. Тој е технолошки близнак на VW ID3 со кого ја дели платформата но е за два сантиметри поблиску до асфалтот. На меѓуоскино растојание од 2,77 метри развиена е каросеријата долга 430 сантиметри со приближно простор како кај германскиот брат. Околу моторизацијата повеќе од јасно е дека основната изведба ќе има мотор од 150, додека најсилната ќе доаѓа со 231 КС. Батериите ќе овозможат автономија од 340 до 540 километри, во зависност од моделот. Она што ќе им се допадне на љубителите на динамично возење е опционалниот E-Boost резервиран за најсилната изведба способна да забрза до 100 км/ч за 6,6 секунди.

Со големиот пакет батерии од 77 киловат часови, спринтот трае подолго поради поголемата тежина. Батериите можат брзо да се полнат. Според производителот, ова значи дека во идеален случај може да се постигне опсег од 100 километри за седум минути полнење. Во внатрешноста доминираат спортските школкести седишта чие јадро е направено од рециклирана пластика. Дванаесет инчениот дисплеј на допир во средината на контролната табла е стандарден. Во однос на конективноста, Born може да се поврзе преку ново лансираната апликација „My Cupra“ преку која може да се провери статусот на полнењето на автомобилот на телефон. Cupra Born од септември ќе се произведува во Цвикау заедно со ID3.