Надградување на супериорното
Во окованата со снег татковина на Дедо Мраз имавме можност да ги тестираме новите зимски пневматици на Continental. Зад ознаката ТЅ 870 навидум се крие само блага еволуција во однос на претходните ТЅ 860 но развојните инженери направија мала револуција успевајќи досега најнаградуваните зимски пневматици во разни категории и димензии да ги направат уште подобри!
Објавено на 28 февруари 2020 година
автор: Крумислав Барзов
Зимското одморалиште Леви кое се наоѓа 170 километри северно од Арктичкиот круг беше идеално место за тестирање на зимски пневматици. Во целиот пејзаж доминира снегот а температурите се движеа околу 23 степени испод нулата. Вакви услови се идеални да се испробаат својствата на пневматиците наменети за зимската сезона. Домаќините ни подготвија четири интересни тестови кои освен карактеристиките на новите зимски пневматици во преден план ги ставија безбедноста, историјата но и забавната компонента на возењето.
Пред да ви ги пренесеме начинот и техниките на тестирање на пневматиците ќе одвоиме неколку збора за нивното развивање. Поминаа четири години откако Continental ја лансира својата ТЅ 860 а за тоа време не се седеше со скрстени раце. Напротив, веднаш започнаа со развој на новата серија која ќе започне да се комерцијализира од следната сезона. Во ТЅ 870 срочени се милиони километри поминати во тестирање не само на смешата од која се направени пневматиците туку и на шарата на нагазната површина. При развојот во фокусот беа три основни критериуми, а тоа се перформансите на снег и мраз, однесувањето на влажен коловоз како и отпорот при тркалање и издржливоста.
Новите зимски пневматици се развиени и наменети за возилата од компактниот и средниот сегмент па затоа ќе се нудат во димензии во дијаметар од 14 до 17 инчи. Овие сегменти се најпопуларни и најмногу возила се наоѓаат на патиштата токму од нив. Мисијата на Continental е да ја зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот и црната статистика која укажува дека на секои 2,5 минути се случува сообраќајна незгода да ја намали. Поради тоа со новата патентирана состојка на пневматикот и неговата архитектура го намалува водениот клин (аквапланинг) и ја намалува патеката на сопирање на влажнен коловоз. Тоа е овозможено со профилот чија форма овозможува испумпување на 10,3 литри вода во секунда при брзина на движење од 80 km/h! Концептот на три кластери на шарата овозможуваат супериорни карактеристики на снежна и замрзната површина со максимизирана контрола на движењето и намалување на патот на сопирање. Со употреба на флексибилни полимери возачите ќе добијат врвна перформанса на повеќе поминати километри и намалена потрошувачка на гориво. На кратко ТЅ870 се подобри во сите карактеристики од претходните за два до седум отсто во зависност од категоријата, додека бучавоста од 74 dB ги прави најтивки во својата категорија.
Кои се безбедни пневматици?
Тестирањето беше составено од четири елементи кои секој посебно имаа важна улога во прикажувањето на карактериситиките на новите зимски пневматици ТЅ870. Првата работилница беше посветена на безбедноста и на тоа како различната длабочина на шарите влијае врз сопирањето. Без оглед дека сите три групи автомобили беа опремени со зимски пневматици, едната група имаше длабочина на шарите од 2 mm, втората од 4 mm и третата од 9 mm. Со помош на телеметриските инструменти се забележуваа забрзувањата и должината на сопирањето. Требаше да се забрза до 43 km/h а потоа најсилно можно да се сопре.
Епилогот очекував да е јасен но резултатите ме изненадија, поточно разликата во патот на сопирањето и однесувањето на возилото при тоа. Патот на сопирањето, логично, беше најдолг кај возилата со пневматици со најплитката шара но ме зачуди должината. Од брзина од 43 km/h до сопирање беа потребни дури 43 метри! Ма и колку силно да се притискаше сопирачката резултатите се разликуваа за еден метар. Слично се однесуваа и пневматиците со подлабокиот, но недоволен профил од 4 mm. Во исти услови на тестирање прецизните инструменти покажаа пат на сопирање од 35 метри. Кај возилата чиј профил е над 9 mm покажуваат драматично подобри резултати, односно патот на сопирање се движеше помеѓу 27 и 29 метри! Како што нé информираа домаќините слични се пропорциите и при возење на влажен колосек бидејќи поради длабочината на профилот зависи и капацитетот на исфрлање на вода од што зависи веројатноста за аквапланинг. Така, новите зимски пневматици кои имаат длабочина на шарата од 9 mm испумпуваат 10,7 литри во секунда при брзина од 80 km/h. Оние со шара длабока 4 mm во исти услови испумпуваат само 4,5 литри во секунда додека најплитката шара од 2 mm испумпува само 1,9 литри вода.
Секоја зима има специфични услови на возење
Втората работилница беше посветена на разликата во возењето и перформансите кога ист автомобил на снежна и замрзната површина е опремен со пневматици за возење во поларни услови (Ice Contact3), класични зимски пневматици (Winter Contact TS 870) и летни пневматици (Premium Contact6). И тука не треба многу да се дискутира. Најдобри перформанси покажаа поларните пневматици кои во профилот имаат дополнителни алуминиумски клинци што се забиваат во површината и овозможуваат дополнителен контакт со неа. Тие се продаваат само во скандинавските земји, Русија и делови од Севрноамериканскиот континент каде има поларни зими и долг период се задржува снегот и мразот. Зимската ТЅ 870 се покажа сосема зрела на понудените услови на раскашавен снег, мраз, како и во мешани услови со свеж снег и голомразица. Со летните пневматици не дека не можеше да се вози, но само со мали брзини и големо внимание бидејќи само нијанси во овие услови на возење ве делат од поминување или излетување од патот.
Времеплов на безбедноста
Третиот дел беше извонредно интересен и емотивен. Ни беа понудени четири генерации на VW Golf GTi и тоа втората, четвртата, шестата и седмата. Изненадувањето да биде поголемо тие беа опремени со зимски пневматици од нивното време па така Golf 2 GTi носеше Winter Contact TS 760, Golf 4 GTi беше опремен со Winter Contact TS 810, за Golf 6 GTi беа резервирани Winter Contact TS 850 и разбирливо, за Golf 7 GTi Winter Contact TS 870. Најголем интерес побуди Golf 2 GTi. Иако беше технички инфериорен и немаше ниту АВЅ тој како да ги маѓепса присутните. Неколку кругови со него ме вратија триесеттина години наназад кога и јас возев Golf 2 но наместо беџот GTi јас имав ТАЅ! Едноставност и функционалност е заклучокот за оваа легенда. Морав многу повнимателно да го возам но во свиоците имаше една голема предност во однос на модерните негови браќа од шестата и седмата генерација – класичната рачна сопирачка. Таа ми овозможуваше да ја занесувам каросеријата пред свиоците и да ги поминувам лизгајќи! Забавно до несвест!!! Во секој свиок уживав и само што влегов во победнички ритам морав да го предадам возилото на следниот колега. За останатите генерации на Golf не треба многу да се зборува. Тие се модерни, исполнети со опрема и електроника, може и почетник да ги вози но срцето ми остана кај „двојчето” кое, ако се изразам со гурмански речник, беше како да јадев два месеца зреан стек!
Не се само пневматиците…
Continental е најпознат како производител на пневматици но многумина забораваат дека е меѓу врвните во развојот на системи кои се вградуваат во возилата. Еден од развојните проекти е поврзан со автономното возење и виртуелното управување кое во блиска иднина ќе има водечки збор во тестирањето и развојот на автомобилите. Лансирањето на новите зимски пневматици беше искористено да ни се презентираат достигнувањата во виртуелниот кокпит. За таа цел ветробранското стакло е покриено со монитор на кого се исцртува маршрутата по која треба да се движите. Ова не е видео-игра бидејќи возачот го управува автомобилот. Возењето беше на полигон и во изолирани услови но повеќе е од јасно во која насока ќе се движи развојот на сообраќајот.
Кога ќе се совлада психолошката бариера тогаш е сé полесно. Навлегувате во виртуелниот свет и станувате дел од матрицата во која функционирате исто како во реалноста. Возењето по трасите направени електронски е фасцинантно поради фактот што возилото се движи во реалниот простор и возачот го управува. Ова е само меѓуфаза во дефинирањето и развојот на технологиите што се неопходни да се развие автономното возење, а со тоа да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот. Досега Continental активно учествувал и аплицирал свои изуми кои се општо прифатени во автомобилската индустрија. Како еден од стожерите на развој тој неуморно работи да ги усоврши постоечките и развие нови патенти. Се сметаме за вистински среќници што имавме можност да ги испробаме најновите достигнувања.
Лево-десно ама бочно
Последниот и најзабавен дел од тестовите беше натпреварот во дрифтање. Покрај пневматиците, вистински избор беше автомобилот. Toyota GT86 е спортско купе со мала тежина и погон на задната оска, за оваа прилика преработена во вистинска напреварувачка машина со сите неопходни заштити во кабината. Поентата е едноставна. Патеката требаше да се помине со странично лизгање а оценувањето се вршеше преку сензорите кои го регистрираа секое странично вртење поголемо од 20 степени. Во принцип дрифтот е едноставна работа. Треба само да се дестабилизира автомобилот и што подолго да се задржи во позиција на лизгање. Тука треба да се усклади управувањето, притисокот на педалата за забрзување, но и со левата нога, кога е потребно да се дозираат сопирачките. Теоретски лесно, но на дело ниту приближно. Повеќето колеги се бакнуваа со снежните ѕидови околу патеката, се вртеа околу сопствената оска и излегуваа од Toyota GT86 дезориентирани.
Предизвикот да биде поголем имавме можност да извозиме еден круг за запознавање а вториот веќе се бодуваше. По лошиот старт успеав да влезам во најостриот свиок како што требаше. На средината од свиокот додадов сила на моторот, воланот го свртев енергично на лево па веднаш контра во правецот на пролизгувањето. Почувствував дека ја владеам ситуацијата. Со кратки дозирања на силата на моторот и вистинската „контра” мојата Toyota се движеше странично до влезот на следниот свиок каде ја „наместив” со кратко „цимање” на сопирачките со левата нога, со десната удрив на педалата за гас и адекватна контра со воланот. И повторно правецот на движење го гледав низ страничните стакла а не низ шофершајбната! Странично влегов на целта и морав да застанам. Половина час чекавме на резултатите. Прво место го освои колегата од Хрватска Јуре Шебаљ а второто мојата „маленкост” со напомена дека сум сопственик на најдолгиот и најубавиот дрифт.
Со ова нашата програма на снежно-ледениот полигон на Continental заврши. Се чувствував исполнето. Имав можност да ги тестирам можеби најнапредните и ефективни зимски пневматици на пазарот, сите вредности беа поткрепени со факти добиени од телеметриските инструменти, имав можност да се забавувам со четири генерации на Golf GTi, но и паралелно да ги почуствувам разликите на управување во поларни услови со адекватни пневматици. Круна беше дрифтањето кое не само што ми ги потврди вештините туку и успеавда бидам втор, веднаш позади колегата, кој патем речено, се натпреварува во рели токму со Toyota GT86. Ова беше еден од оние денови…
И што после ова да се прави во Лапонија? Во Финска има 5,5 милиони жители, 22 милиони сауни, 180.000 езера и 78% од територијата е во шуми. Највисоката планина е тука во Леви и осетно е пониска од Водно. Сепак овој скијачки центар еднаш годишно е домаќин на скијачите кои се борат за Светскиот куп. Сепак, ништо од споменатото не ме возбудува. На располагање имам автомобили со вистински за оваа прилика пневматици. Сега со Continental TS870 можам да ја започнам потрагата по Дедо Мраз. Ако не го најдам барем ќе се изнавозам безбедно и со ќејф.










