Citroen – C5 X

насловна Новитети

Три во едно

Новиот модел на ”Двојниот шеврон“ ја засилува филозофијата на марката

објавено 12. април 2021

Спортско-корисните возила се популарни меѓу купувачите, па не е изненадување што се полагаат многу надежи токму во ваквите изведби. Тоа кај Citroen не е ништо ново бидејќи располага со неколку такви модели. Со С5 Х се засилува понудата во сегментот на големи каросерии на специфичен начин, а тоа е мешање на неколку автомобилски стилови.

Штотуку претставениот кросовер С5Х е комбинација на елеганција на лимузина, практичност на караван и повисоко растојание од тлото типично за спортско-корисно возило. Амбициите се големи како и пропорциите на новитетот кои го сместуваат во сегментот D каде не се важни само димензиите. Купувачите во таа класа се едуцирани, многу добро знаат што сакаат од возилото , имаат високи технолошки барања и во ниту еден случај не се подготвени да го жртвуваат својот комфор и естетски очекувања. Токму тука Citroen има што да каже. Поставен на меѓуоскино растојание од 2,785 mm има вкупна должина од 4,805 mm и многу простор во внатрешноста како и во багажникот кадеима простор од 545 литри.

 

За удобноста е задолжена Citroën Advanced Comfort активна суспензија која за прв пат се појавува токму во С5 Х па лесно е да се заклучи дека една од главните одлики на Citroen, удобноста, повторно се активира во новит знаменосец. Интериерот е скроен за сладокусци кои сакаат да уживаат во секој изминат километар. Просторноста е исполнета со последните остварувања на план на безбедноста во возењето и заштитата на патниците што го поедноставува возењето. Околу возачот се концентрирани хедап дисплејот, големиот инфотејмент систем со 12 инчен дисплеј осетлив на допир со гласовни команди…

Сето тоа е заокружено со квалитетни материјали и ергономија кои го прават престојот во кабината пријатен.   C5 X има многунаменски карактер засилен со еколошка употребливост. Во понуда се бензински мотори засилени со плаг-ин хибриден погон кој овозможува движење на струја до 50 километри и постигнува на струја максимални 135 км/ч по што му се стартува бензинскиот мотор. Вкупната сила му е 225 коњи. Иако е денеска претставен, комерцијализацијата ќе започне во втората половина на годината кога ќе се знаат и останатите поединости.