Citroën – C3 Aircross facelift

насловна Новитети

Подготвен за лето

Малиот кросовер го засилува темпото

објавено 12. февруари 2021

Не помина ниту една седмица од најавувањето на DS4 за есенва, од таборот на Citroën обзнанија уште една новост. Во почетокот на јуни ќе биде лансиран освежениот C3 Aircross во чиј знак ќе помине летото. Се работи за лесни освежувања на изгледот модифицирани со неизбежните шминкерски детаљи, подобрување на функционалноста и опременоста. Од неговото лансирање кон крајот на 2017 г. малиот џин ја освои наградата AUTOBEST, автомобил што дава најмногу за парите, и успеа да најде 330.000 купувачи.

 

 

Мускулозно обликуваната предница го има препознатливиот за марката светлосен отисок виден кај С3 и С4. Заедно со мрежестата маска на ладилникот формираат впечатлива целина со изразена нота на индивидуалност. Кросоверски скроената каросерија е 4,18 метри долга но понудени се многу опции за персонализација вклучувајќи седум бои на каросеријата, четири пакети на опременост, избор на две бои на покривот бела или црна… Поставена на тркала од 16 и 17 инчи, заедно со покривните носачи формираат убедлив теренски изглед. Како атрибут на компактните димензии е необично просторна кабина дотерана за пријатен престој во внатрешноста. Бројните можни комбинации за уредување на интериерот имаат четири почетни амбиенти кои можат да се надградат по желба и спецификација на купувачот.

 

 

Новиот С3 Aircross е опремен со корисни технологии за поголема пасивна и активна безбедност. Тоа се 12 интуитивни помагала на возачот кои го поедноставуваат секојдневното користење како хедап дислпеј во боја, систем за активно сопирање, автоматска контрола на снопот на светлата и асистенција при паркирање. За поопремените верзии може да се нарача иновативниот електронски систем InteliGrip Control кој ја нагласува кросоверската намена на C3 Aircross со асистенција за возење по удолница. На тоа се додаваат конективните технологии Citroën Connect Nav со ”огледало” функција компатибилен со Android Auto и Apple CarPlay, девет инчен екран чувствителен на допир, безжично полнење на телефон итн. Новиот C3 Aircross се нуди со гама на ефикасни и мотори со висока перформанса PureTech бензинци и BlueHDi дизели. Распонот на силата кај бензинците е 110 и 130 коњи додека дизелите се со 110 и 120 коњи. Посилните верзии може да се спарат со шест степена автоматска трансмисија а за останатите е резервиран мануелниот со исто толку преноси.

 

За сега не се споменува никаква електрифицирана верзија, но заедничката основа со братучедите Peugeot 2008 и Opel Mokka даваат надеж дека ќе има плагин хибрид и поптполно електрична изведба. Можеби ова се чува како изненадување за продажното деби во јуни кога ќе се објават цените. Немаме прецизни информации кога C3 Aircross ќе пристигне во Македонија, но реално е да се очекува во втората половина на годинава.