Чист памет и јасна визија, затоа што мора така!
Објавено на 25 јуни 2018 година
Кога врелите купеа се во прашање разумот не секогаш надвладува, барем не кај купувачите. Сепак инженерите што ги создаваат мора да имаат чист памет и јасна визија. Но понекогаш ни тоа не е доволно, заради што на пазарот постојат и вакви модели. Или пократко кажано, на оние на кои Mustang не им е доволно моќен, Ford ги нуди неговите Shelby изведби. GT350 е најслабата од нив, што воопшто не значи дека е слаба – има 5,2 литарски V8 мотор со 526 коњски сили. За нивно подобро искористување за новата моделска година доби унапредено ослонување и нови пошироки пневматици. Менувачот остана 6-степен мануелен, а електронските системи се наново калибрирани. Измените во изгледот се минимални, пред сé заради ревидираната аеродинамика. Внатре се додадени електрично подесливи спортски седишта, двозонски клима уред и неколку трендовски системи.
Малата кобра на Shelby како што ја нарекуваат, беше и остана легенда на американските патишта. Заедно со посилната GT500 верзија имаа голем удел во креирањето на пргавиот имиџ на Mustang. Прецизниот баланс меѓу тркачките перформанси и секојдневната употребливост тешко е достапен за конкурентите, што им дава уникатно место на предизвикувачкиот американски пазар. Карактеристика им е и тоа што никаде на себе ги немаат ознаките ниту на Ford, ниту на Mustang – се среќава само кобрата на Shelby. Во согласност со сето ова се и цените, кои стартуваат од скоро 60 илјади долари.
видео