Chevrolet – Corvette Z06

насловна Новитети

Последниот Z06?

Chevrolet Corvette е легенда која живее скоро седум децении.

објавено 02. новември 2021

Вечната младост ја должи на посветеноста на General Motors секогаш да ја држи чекор пред желбите на купувачите. Тие пак трпеливо цели две години по претставувањето на осмата генерација ја чекаа нејзината Z06 изведба, не знаејќи што точно ќе им понуди. Сега веќе знаат, но сé уште ќе чекаат бидејќи веднаш по претставувањето се формираа долги листи на чекање. Заслугата за тоа најмногу ја има нејзиниот централно поставен агрегат од 5,5 литри со импресивни 670 коњи, кои без турбо компресор или хибридна поддршка ги развива при 8.400 вртежи во минута.

Како и кај стандардниот модел, оваа сила ќе се пренесува на задните тркала преку осумстепен автоматизиран менувач со двојна спојка. Chevrolet најави дека Corvette Z06 ќе забрзува до сто километри на час за само 2,6 секунди, додека максималната брзина која официјално е непозната сигурно ќе биде поголема од триста. Модификации добија и скоро сите механички склопови на возилото, со цел да се извлечат најдобрите можни перформанси. Измени има и во дизајнот, пред сé за подобрување на аеродинамиката бидејќи Corvette и онака изгледа доста луто. Сериското производство на оваа верзија ќе стартува дури наредното лето, а цената изнесува за ваков пакет примамливи 90 илјади долари. Дали ова ќе биде последната генерација на Z06 со V8 мотор ќе се знае за некоја година.