Нови времиња за Cadillac
Со импресивна автономија и совршена внатрешност, Escalade IQ ја покажува гламурозноста на електричниот луксуз
General Motors цврсто реши да го врати имиџот што Cadillac некогаш го имаше, повторно да биде нешто за што секој Американец сонува, сега со помош на струјата. Така после Lyriq и ултраскапиот Celestiq го претстави и електричниот Escalade од кој се очекува на марката да ѝ донесе шанса да се бори за пазарот. Но ако истоимениот бензински и дизел модел не треба да го претставуваме, електричниот е нешто сосема друго. Поставен е на Ultium платформата и освен некои дизајнерски решенија нема ништо заедничко со него. Дел од линиите се позајмени и од Lyriq и Celestiq, што посебно се однесува на предниот дел и стилот на светлата и маската.
Големо внимание е посветено на ентериерот кој изобилува со луксуз зачинет со голема доза современа електроника. Располага со два реда седишта, од кои задните можат да бидат поединечни. Пред возачот и совозачот е монитор од цели 55 инчи, секој патник назад си има свој од 12,6 инчи а вкупно низ кабината се распоредени дури 40 звучници. Американците за механиката засега малку кажаа. Знаеме дека ќе има два електромотора со 680 коњски сили, кои во таканаречениот Velocity Max режим ќе нараснат на 750. Со нив Escalade IQ ќе забрза до 96 km/h за помалку од пет секунди, но и ќе влече приколка тешка до 3.630 килограми. Големиот пакет батерии му обезбедува автономија од дури 720 километри, а со 10-минутно полнење на брз полнач се обезбедува струја за поминување 160 километри.
Позната е и цената – 130 илјади долари. Првите примероци ќе бидат испорачани наредното лето.



