VW ID.Buzz во Скопје се сретна со својот далечен предок
Проектот #BULLILOVEstories започна во 2022 година со план да се вози низ десетина земји членки на ЕУ со електричниот VW ID.Buzz.
Две години подоцна творец на проектот, Кристијан Шлутер, со неговиот VW ID.Buzz пропатува низ 41 европска држава, помина повеќе од 118.000 километри и преспа во своето возило 180 ноќи. Тој ја посети нашата држава и благодарение на Порше Македонија остваривме средба со овој ентузијаст. Токму во времето на нашата средба заврна силен снег кој ја „обели“ нашата средба. Немирниот дух, желбата за авантура и запознавање на нови луѓе секогаш била синоним за VW Bulli.
Легендарното комбе од своето претставување како Т1 во 1950-та година се прошири низ светот како шумски пожар и стана омилено возило на камперите, авантуристите и модерните номади. Од тогаш, низ шест генерации, Bulli го одржа својот имиџ, а со доаѓањето на ерата на електрични возила на VW, ова име доби адекватен наследник. ID.Buzz, иако со електричен погон, со ништо не заостанува од неговите претходници.
Тоа најдобро го потврдува Кристијан кој со страст зборува за своите патувања и предизвиците што ги имал за овие две години. Нас најмногу не занимаше како се справува со предизвикот за полнење на возилото бидејќи поголемиот дел од државите низ кои возел немаат развиена инфраструктура на полначи. Според него најважно е да се следи возилото и да не се ризикува полнење во последен момент, односно кога батеријата е скоро празна.
Благодарение на брзите полначи тој го планира патувањето па на секои 250 до 300 извозени километри ја полни батеријата до 80% од капацитетот. Така добива оптимален циклус на животот на батеријата, а паузите кои траат 20 до 30 минути, додека се надополнува батеријата, ги користи за одморање од возењето што е голем бенефит за безбедното учество со сообраќајот. Тој најчесто патува сам.
Еден од најголемите предизвици му беше возењето на Upper Salt Road, планински неасфалтиран пат помеѓу Франција и Италија, по кого, вообичаено, се возат само 4х4 возила. Кристијан со неговиот VW ID.Buzz со погон на задните тркала без никаков проблем го извози овој предизвикувачки планински превој, но призна дека бил малку вознемирен.
Поради неможноста да ја надополни батеријата на рутата долга шеесетина километри тргнал со 65% наполнета батерија, но се поминало во најдобар ред. Од неговото огромно искуство користење на БЕВ вели дека најголем непријател на батеријата е студеното време.
На своите патешествија Кристијан преспива во својот VW ID.Buzz кој е опремен и со камперска кујна во која понекогаш ги приготвува своите оброци. Од Македонија се упатува кон Хановер каде ќе се подготви за следната авантура, релито околу Балтичкото море на сопственици на VW Bulli. Во Македонија Кристијан имаше и емотивна средба.
Домаќините обезбедија вистински класик, Bulli од втората генерација, средба која Кристијан го воодушеви. Тој пред да тргне кон Хановер ја искористи станицата со брз полнач на Порше Македонија да ја надополни батеријата.
Какои што самиот вели, посетата на Македонија е уште еден драгоцен бисер во неговиот авантуристички ѓердан. Сите кои сакаат да ги следат авантурите на Кристијан може да го следат на #BULLILOVEstories – YouTube.