По пензионирањето на легендарниот W16, Bugatti започнува нова ера без турбо полначи
Новата погонска единица на Bugatti заеднички е развиена со Cosworth. Веќе се знае дека задржани се 16-те цилиндри, но сега се поставени во V форма и нема да има четирите турбо полначи. Новиот бензински мотор има зафатнина од 8,3 литри и ќе произведува околу 1.000 КС.

Купувачите на Bugatti навикнати се да располагаат со повеќе од 1.500 КС кои моторот во заминување W16 ги испорачуваше со помош на четири турбо полначи. Новата хибридна погонска единица турбо полначите ги замени со три електро мотори, секој со по 340 КС, па ќе овозможи системска моќност поголема од 1.800 коњи! Тие ќе се почуствуваат во долгоочекуваниот наследник на Chiron кој треба да се појави годинава.
Моќта ќе се пренесува на сите тркала благодарение на осум степениот менувач со двојна спојка. Како што се наведува, новиот модел ќе постигне 100 км/ч за две секунди, 200 км/ч за помалку од пет секунди, 300 км/ч за помалку од десет секунди и 400 км/ч за помалку од 25 секунди.


