Bugatti – Rimac

Занимливости насловна

Дали сардината ќе ја лапне туната?

Во само десет годишна историја хрватскиот Rimac склучи историски договор со Bugatti

објавено 06. јули 2021

Прикаскава личи на оние од холивудските филмови, но се случува на јаве! Имено малиот амбициозен производител на електрични хипер автомобили, чија продажба се брои на прсти, ќе формира компанија заедно со иконскиот Bugatti со цел да креираат нов генератор на технологии.

Десет години стариот Rimac Automobiles во компанијата што ќе се покрене ќе располага со 55% од акциите и Мате Римац ќе биде на нејзино чело. Помалиот дел од колачот е во тањирот на 110 годишниот Bugatti. Седиштето ќе биде во рамките на Rimac Campus, комплекс од 100.000 м2, каде ќе биде сместен и одделот за технологија. Не смее да се заборави дека значаен дел од акциите на Rimac Automobili се во сопственост на Porsche и Hyundai, а повеќе автомобилски компании ги користат услугите на хрватската фирма.

Најновото остварување Nevera, електричен хипер автомобил од 2.000 коњи, го предизвика Bugatti експресно да го најави Chiron Super Sport набилдан на 1.600 октански коњи! Хрватскиот производ чини два милиони евра додека аристократијата од Мулуз инкасира нето 3,2 милиони по примерок. Интересите се очигледни, а во бизнисот тоа е најважно. Очекувањата на инвеститорите се големи особено доколку се земе во предвид потенцијалот на пазарот на хипер автомобили кој во задните две години просто експлодира!

Појавувањето на стартап автомобилски компании што нудат екстравагантни и моќни солуции успеваат да продадат по неколку примероци по цени што традиционалните марки ги фрла во очај. Затоа можеби е оправдана широкоградоста на Bugatti да прифати вакво партнерство во име на повисока цел. Највисоката цел, сепак ќе ја имаат акционерите кои веќе се радуваат на идните профити, пред се од развој и пласман на технологии за што Rimac Technologies ќе нарасне на 2.200 вработени. Од таборот на VW изјавија дека ова е добар ден за Bugatti, Porsche и за целата Volkswagen Групација.