За оние на кои летото им е премногу кратко
Годинава им се погоди на камперите но секогаш ќе има незадоволни – Brabus за оние на кои летото им е премногу кратко им подготви уникатно решение. Поставен на камионска шасија од Mercedes Actros, овој кампер наречен Big Boy 1200 не е ништо друго освен луксузен апартман на тркала. Конструиран за патувања но осмислен за уживање, тој е направен во соработка со белгискиот специјалист за ексклузивни рекреативни возила STX Motorhomes.
Долг е 12 метри, а благодарејќи на четири електрични модули широчината му се растегнува на 4,5 метри обезбедувајќи 30 квадратни метри простор за живот. Внатрешноста е најпрефинета што може со комбинација од кожа, алкантара и карбонски детали кои создаваат луксузна атмосфера. За тоа придонесуваат и двата 43-инчни 4K телевизори, PlayStation 5 конзолата и Starlink сателитскиот интернет. Во кујната има индукциска плоча, рерна, ладилник, замрзнувач и дополнителен простор за вино. Енергетскиот систем вклучува осум соларни панели, генератор и батериска единица за складирање енергија со што е обезбедена независност од електричната мрежа и непречено функционирање на климатизацијата и дополнителното греењето во тек на целата година.
Телото му е направено од алуминиум, а за погон се грижи 12,8 литарски шестцилиндричен дизел со 530 KS и вртежен момент од 2.600 Nm. Максималната брзина е ограничена на 90 km/h, а ако некого интересира потрошувачката му изнесува околу 40 литри на сто километри. Цената е поставена на 1.260.504,20 евра без давачки.






















