Идните А-класа и серија 1 близнаци
На повидок ли е уште едно автомобилско партнерство?
Објавено на 23 јануари 2019 година
Автор: Жарир Филип Хамдан
После објавената соработка меѓу Ford и Volkswagen, од Германија стигнуваат вести за уште еден заеднички проект на две компании. Овој пат меѓу BMW и Mercedes, кои би требало заедно да ги развијат идните генерации на А-класата и серијата 1. Автомобилските гиганти мудро молчат за ваквата можност, а независните извори информираат дека освен платформата заеднички би биле и дел од технологиите. Пред сé оние за автономно возење, за кои и BMW и Mercedes имаат големи планови и трошоци за нивни развој. Доколку е вистина, плодот на ова најхрабро здружување во европската автомобилската индустрија ќе го дочекаме околу 2025 година.
Ваквите соработки не се непознати меѓу производителите на возила. BMW и Toyota заедно ги развија Z4 и Supra, PSA и Toyota во Чешка ги произведуваат своите најмали модели, а Renault и Opel дел од своите доставни возила, исто како и Fiat и PSA.