Бомба на тркала
Хибрид е, многу посилен, уште повеќе потежок и малку побавен и поскап од претходникот, ама е BMW M5, без дискусија. Главната новост сепак е што за разлика од Mercedes Баварците не побараа купувачите да ја платат цената на електрификацијата возејќи со помалку цилиндри – M5 и понатаму има 4,4 литарски V8, сега со плаг-ин можности. Колку електрични километри поминува воопшто не е битно, затоа и BMW не ја многу истакнува оваа бројка. Не ни мора кога погонскиот систем на баварската бомба испалува вкупно 727 коњски сили и брутални 1000 Nm вртежен момент. За жал заради тежината од масивни 2.445 килограми спринтот до сто на час трае 3,5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 250 односно 305 km/h со M Driver‘s пакетот.
Кои се предностите на хибридниот систем што го има новиот М5 воопшто нема да наведуваме – ќе кажеме само дека електромоторот дополнувајќи ја силата на V8 агрегатот низ целиот распон вртежи обезбедува позабавно брзо возење и поугодно крстосување по автопатските широчини, оптимизирано со осумстепениот автоматски менувач и погонот на сите тркала. Оние пак кои ќе посакаат да му ја истераат душата на ѓаволот го имаат на располагање Boost Control системот кој го поставува погонскиот систем на максимум. Ако пак некој посака уште повеќе целосно ќе може да го исклучи испраќањето на силата на предните тркала со што BMW M5 ќе стане способен да ги остварува и дрифт-соништата. Технологијата до толку е софистицирана што ако треба M5 може да ја испраќа целата сила на само едно тркало.
Што се однесува до дизајнот, BMW и овојпат се поигра со бубрезите. Маската сега има црн дизајн со затворени делови во средина зад кои се сместени системите за помош во возењето, а нејзината рамка може да биде осветлена. Крилата се проширени за да се сместат тркалата со пневматици со димензии 285/40 ZR20 напред и 295/35 ZR21 назад, зад кои се наоѓаат сопирачките дискови од 410 односно 398 милиметри кои со доплата можат да бидат керамички. Бруталноста на техниката назад ја покажуваат М-спојлерот и двојните црни издувни цевки. Во однос на стандардната серија 5 внатрешноста се разликува по мултифункционалните седишта како компромис меѓу удобноста на големи дистанци и држењето на телото во спортско возење, новиот дизајн на управувачот, специфичното амбиентално осветлување и стандардниот Bowers & Wilkins Surround Sound аудио систем, а кој сака може да нарача и карбонски покрив.
Продажбата на новиот BMW M5 ќе стартува наредниот месец по цена во Германија од 144.000 евра за лимузината и 2.000 евра повеќе за караванот.





















































































































