BMW – iX E ink

насловна Поглед во иднината

Камелеон на тркала!

Црно, сиво, бело или прошарано се опциите што во моментот ги нуди новата технологија.

Еден од најмаркантните настапи на Саемот на потрошувачка електроника во Лас Вегас имаше BMW со автомобилот што менува боја. Се работи за електричниот iX обложен со посебен слој исполнет од микрокапсули со дебелина на влакно со негативно наелектризирани бели и позитивно наелектризирани црни пигменти. Тие со соодветна електрична стимулација се собираат на површината на микрокапсулите, правејќи возилото да изгледа бело или црно.

Овој процес компјутерски е контролиран со што се добиваат фасцинантни ефекти при промената на бојата на каросеријата. Од BMW ќе кажат дека ја креирале оваа технологија наречена E Ink бидејќи сметаат дека во иднина дигиталните искуства нема да бидат ограничени само на екрани. Со неа возачот ќе има можност да го покаже своето моментално расположение или пак едноставно да го вклопи својот автомобил во околината.

Но нејзината практична употреба може да значи и заштеда на енергијата бидејќи светлите автомобили полесно ќе се разладуваат налето, а темните ќе се загреваат на зима. Самата технологија енергетски е доста ефикасна бидејќи струјата до микрокапсулите тече краткотрајно, сами во фазата на промена на бојата. Иако покажаа дека целосно е функционална, од BMW засега нема никакви најави кога таа ќе биде достапна кај нивните автомобили.