Застранува ли BMW повторно?
Објавено на 10 септември 2019 година
Иако беше одамна, сé уште се свежи сеќавањата на Крис Бенгл и неговите дизајнерски егзибиции преточени во низа сериски модели на BMW. А тие, гледајќи го најновиот концепт кој ја предочува идната серија 4, незапирливо навираат во нашите сеќавања. Навистина, застранува ли BMW повторно во дизајнерските води или пак се работи за смислена и добро одмерена провокација која како и пред деценија-две ќе вроди со дебел финансиски бенефит за марката, бидејќи токму за време на ерата на Крис Бенгл BMW го престигна Mercedes и стана глобален лидер во премиум сегментот.
Како и да биде, едно е јасно – бубрезите стануваат сé поголеми. Тие нараснаа толку што погледот веќе не може да се оттргне настрана, навраќајќи ги постојано мислите што всушност се крие зад нив. Јасно е дека токму бубрезите отсекогаш го претставувале BMW, и тоа уверливо и квалитетно. Затоа и навистина е тешко било кој да се воздржи од било каков коментар за овој концепт кој треба да ни пружи увид во новото лице ако не марката, тогаш барем на идната серија 4. Колку да остане забележано, дали успеавте да обрнете внимание на дизајнот на светлата, како предни така и задни?